Животот е како патување со воз...

Животот е како патување со воз. Луѓето се качуваат и се симнуваат. На некои луѓе, застанувањата им носат пријатни изненадувања. Човек доживува среќни моменти, но има и незгоди, несреќи, таги...

Кога се раѓаме и влегуваме во возот, се среќаваме со луѓе за кои мислиме дека со нас ќе бидат за време на целото патување, како на пример – нашите родители. За жал, вистината е поинаква. Кога-тогаш, тие ќе се симнат од возот и ќе нѐ остават без својата љубов, наклонетост, нежност, без своето пријателство и друштво.

Меѓутоа, во возот ќе влезат и други луѓе кои ќе ни бидат важни. Тоа се нашите браќа и сестри, пријателите и луѓето кои ќе ги сретнеме и ќе ги засакаме.

Многумина кои се качуваат на возот гледаат на патувањето како на кратка прошетка. Други пак, на своето патување низ животот се среќаваат само со тага и страдање. Но, има и такви кои секогаш подаваат рака и се подготвени да им помогнат на оние на кои им е потребна помош.

Чудно е тоа што многу од патниците кои ни се најдраги повеќе сакаат да бидат во друг вагон. Нѐ оставаат сами во тој дел од нашето патување. Секако дека тоа не нѐ спречува да се упатиме на тешки патувања и да се соочиме со самотија за да ги бараме и да се обидеме да се сместиме во нивниот вагон. Меѓутоа, за жал, не можеме да се сместиме покрај нив, затоа што некој друг го заземал местото покрај нив.

И таков е животот. Преполн со предизвици, соништа, фантазии, надежи, преполн со запознавања и разделувања. И никогаш нема да ти се вратат тие моменти.

Да се обидеме да го извлечеме најдоброто што можеме од нашето патување низ животот. Да се обидеме да бидеме во мир со сите во возот. Да се обидеме во секој од нив да го видиме она што е најдобро. Да се сетиме и на тоа дека на секоја точка на животниот пат, некој од сопатниците може да се лизне и дека ќе му биде потребно разбирање и сочувство.

И најголемата мистерија на ова патување е што не знаеме кога ќе се симнеме од возот. Исто како што не знаеме кога ќе се симнат нашите сопатници. Дури ни оние кои седат покрај нас. Ќе бидам многу тажен кога ќе морам засекогаш да се симнам од возот. Верувам дека многу ќе ме боли разделбата со некои пријатели кои ги сретнав за време на патувањето и кои ми станаа многу драги. Меѓутоа, имам надеж дека ќе дојде и главната станица. Тогаш ќе видам како сите пристигнуваат со својот багаж кои го немале кога првпат се качиле во возот. Тоа многу ќе ме израдува.

Да се трудиме и да настојуваме да имаме среќно патување и дека на крајот, секоја мака ќе се исплати. При симнувањето од возот да се обидеме да оставиме празно седиште кое, на оние кои ќе продолжат да патуваат, ќе им остави убави спомени.

На сите им посакувам среќно и пријатно патување!