Живеалиштата се во завршна фаза: Во скопската зоолошка доаѓаат слонот, пингвините и Коко

Слоновите, шимпанзото и пингвините во скопската зоолошка градина ќе бидат донесени наесен.

Во Зоолошката градина во моментов се гради ново живеалиште за слон и пингвини.Новото живеалиште за слон се гради на парцела со површина од 3.200 метри квадратни, а во него ќе се изгради и објект со површина од 400 метри квадратни. За изградбата на новото живеалиште, Град Скопје издвои 26 милиони денари. По завршувањето на изградбата на живеалиштето, треба да пристигне слон, со што по долги 24 години во скопската Зоолошката градина повторно ќе има слон во збирката животни.

- До крајот на јули, практично сите живеалишта ќе бидат завршени. Во моментот работиме да донесеме слонови. Би сакале да донесеме два, но можеби ќе успееме да донесеме само еден. Во преговори сме со зоолошката градина во Шпанија за набавка на слоновите, но тоа е далечна дестинација и транспортот ќе не чини 25.000 евра, изјави портпаролот на оваа институција Дане Kузмановски.

Проектираното живеалиште за слонот се состои од внатрешен и од надворешен дел, кои се поделени на два дела за два слона. Надворешното живеалиште, коешто се планира да биде примарно место за нивен престој бидејќи климатските услови му одговараат, ќе ја пресликува природната околина во којашто живеат слоновите, и ќе се посвети особено внимание на подлогата, деловите исполнети со вода и декорацијата и хортикултурното уредување на целото живеалиште.

Внатрешното живеалиште е составено од повеќе делови, како дел за хранење и спиење, дел за набљудување, дел за посетители и дел за нивните негуватели. Поради начинот на кој се негува слонот, планирани се специјални прегради меѓу делот за негуватели и делот каде што се чистат ушите на слонот и се одржуваат ноктите.

Во надворешната обработка ќе се користат природни нетоксични материјали, дрва и тули. Целиот периметар на живеалиштето е хортикултурно обработен, а само на одредени места се оставени делови за набљудување каде што со ровови се одделени посетителите и слоновите.

Секундарната ограда е електрична со низок напон. Бидејќи мажјаците се секогаш одвоени од женките и живеат сами, а женките живеат во групи со повеќе женки и деца, а се спојуваат само во сезоните за парење, ова живеалиште е поделено на два дела.

Зоолошката градина во Скопје имала слон во збирката животни, и тоа индиска слоница по име Анка, која живеела од 1964 до 1992 година.

Kако што истакна Kузмановски, веднаш штом ќе се доизгради живеалиштето на Kоко, ќе почнe постапката за неговото транспортирање од Холандија, каде што е на ресоцијализација во Институтот за ресоцијализација во Алмере. Kузмановски потврди дека Kоко, најверојатно, ќе се врати во друштво со други шимпанза.

Kоко падна во депресија откако кусо време по неговото раѓање мајка му почина од туберкулоза. Во април 2009 година како 13-годишник замина на ресоцијализација во Холандија.

Покрај слоновите Зоолошката градина во Скопје ќе добие и пингвини. Од идејното решение за нивното живеалиште ќе зависи колку пингвини ќе бидат донесени од Виена. Пингвини ќе бидат прилагодени на европските услови на живот. Ќе живеат во мали пештери, а преку ден ќе бидат надвор. Живеалиштето за пингвини е на ритчето каде што завршуваат живеалиштата на мајмуните.