„Женидба“ на Гогољ гостува во МНТ

Во Македонскиот народен театар вечер ќе биде изведена гостинската претстава „Женидба“ од Гогољ во режија на Милан Караџиќ, копродукциски проект меѓу Народно позориште Приштина и Српско народно позориште од Нови Сад.

Претствата ги тематизира и исмева општествените аномалии – лицемерието, желбата за статус по секоја цена, робувањето на нормите на граѓанското општество, а според режисерот, за да ги разбереме ликовите на Гогољ денес, сѐ што треба да направиме е да се погледнеме во огледало.

– Женидбата за која тој говори не е женидба од љубов. Тоа е општествена обврска, статусен симбол, исполнување  форма за која неговите ликови мечтаат, и токму тоа ги прави комични. Иако се поминати многу години од кога е напишана драмата, сите тие аномалии сѐ уште се актуелни и присутни во секое општество, па и во нашето, и за нив е секогаш потребно да се говори низ театарот, вели режисерот Караџиќ.

Во претставата играат: Jeлена Орловиќ, Милена Јакшиќ, Аника Грујиќ, Милан Васиќ, Игор Дамњановиќ, Милорад Капор, Небојша Ѓорѓевиќ, Бојан Стојчетовиќ, Бранко Бабовиќ, Тамара Томановиќ, Бранко Бабовиќ.

Костимограф е Драгица Лаушевиќ, а сценографијата и изборот на музиката се на режисерот Милан Караџиќ.