Жално е кога парите ти го диктираат расположението, љубовта, пријателството, животот...

Секој ден слушам некаква тажна приказна за пари. За девојки кои се продаваат за пари. За пријателства кои пукаат заради пари. За браќа кои не разговараат заради пари или парче земја. За убиства заради пари, за распаднати семејства – повторно заради пари.

Жално е кога парите ти го диктираат расположението.

Жално е парите да ти кажуваат кого да сакаш и со кого ќе спиеш.

Жално е парите да ти кажуваат со кого да пиеш кафе и кои ти се другари.

И бедно.

Јас не сум некој фантазер и знам дека парите ги плаќаат сметките. Знам дека парите се потребни. И точка. Потребни ми се за да го платам она што морам и тука престанува диктатот.

Јас пораснав со приказните за љубовта кога немале да купат ниту два сока, па доволен бил и еден. Пораснав со приказните за летувањата во шатор. Пораснав со љубовната приказна на моите родители која започнала додека таа работела, а тој студирал. Додека таа живеела со неговите, а тој бил во војска. Тие немале раскошни станови, но не ни кукале како е тешко да живееш со старците. Тие се сакале, па сѐ останато веројатно било помалку важно.

Да ти се плукнам во парите ако немаш ништо друго освен пари.

Да ти се плукнам во парите ако те сакаат само заради пари.

Парите се само хартија. Да ти се плукнам во животот во кој сѐ се пресметува со дигитрон. Живот во кој сѐ се собира и одзема, дели и пресметува. Животот не се пресметува. Животот се  живее. Онака како што ќе ти каже срцето.

Никој никогаш не можел да ме купи со материјални работи. Ниту пак со пари, подароци или клуч од автомобил.

А многумина ме освојувале со една прегратка, бакнеж и по некој убав збор. Па и со едно киндер јајце и едно плишано мече кое сѐ уште го чувам. Со една книга која највеќе ја сакам. Со едно „сѐ ќе биде во ред“ и „како си?“.

Пријателите не пресметуваат колку кафиња си платила ти, а колку тие. Пријателите не пресметуваат и не гледаат сѐ да биде еднакво до точка. Правите пријатели и не размислуваат за тоа.

Не може парите да ти го диктираат животот. Не може парите да ти ја исполнат празнината во срцето. Едноставно не може.

Ова што го имам никогаш не би го менувала за големи пари, затоа што бев среќна и со многу малку, а бев тажна и во убави хотели и удобни патувања, затоа што имав тага во душата. Мене не може да ме повреди празниот паричник. Можат да ме повредат грди зборови и пресметливи луѓе. Никогаш не ме болело кога немам пари, туку кога немам љубов.

А кога имаш љубов, имаш сѐ. Така и се живее животот, ако ме прашувате мене.