Зголемени трошоците на живот во октомври

Трошоците на живот и цените на мало во октомври се зголемени за 0,3 проценти во споредба со септември, објави денеска Државниот завод за статистика.

Статистичките податоци покажуваат дека пораст на индексите на трошоците на животот е забележан кај оризот, компирот, млекото и јогуртот, сувото овошје и јаткастите производи, изнутриците, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи, месото, течните горива за домаќинствата, обувките, автомобилите, болничките услуги и гасот за домаќинствата.

Намалување е забележано кај свежото и разладеното овошје, замрзнатото овошје, јајцата, брашното, сушениот зеленчук и житата. Намалување има и кај информатичката опрема, туристичките пакет-аранжмани, услугите за рекреација и спорт, книгите, материјалите за одржување и поправки на станот, предметите за лична хигиена и здравје, средствата за чистење и одржување за домаќинствата  и алатите и опремата за куќа и градина.

Во споредба со октомври лани, трошоците на животот се пораснати за 1,9 проценти, а цените на мало за 4,3 проценти.