„ZERO“ – Вечер на млади кореографи во изведба на Скопје танцов театар

Во Младинскиот културен центар утревечер во 20 часот Скопје танцовиот театар ќе ја прикаже претставата „ZERO“ – Вечер на млади кореографи.

Претставата е составена од четири кореографии, од кои премиерно ќе биде изведено делото „Без стоп“ во кореографија и режија на Матеа Киселичка, на музика на Зек Хемси; потоа „Aзбука“  на Јакуб Мунко, на музика на Виктор Апостоловкси и Јохан Јохансон; „ Еден“  во кореографија на Александра Петрушевска, на музика на Александар Гроздановски и „Јас и вие“ во кореографијана Дејан Битровски.

Во претставата настапуваат танчерите на Скопје танцовиот театар:  Матеа Киселичка, Адријана Данчевска, Јакуб Мунко, Александра Петрушевска, Дејан Битровски, Тринга Хуса, Јована Зајкова, Сара Цветковска, а свое деби ќе имаат Тереза Лазарев, Бобан Русески и Артемиса Морина.

Матеа Киселичка за својата најнова кореографија „Без стоп“ вели дека е инспирирана од постојаниот ритам на секојдневието:  „Денес… Притисок, луѓе, настани… Нагони… Прекини… Правци… Следиш, те следат. Нема простор. Метеж.
Како машини. БЕЗ Стоп. Од едно на друго, од едно на друго, од едно на друго, од…едно…на…друго…“.

Јакуб Мунко кореографијата за претставата „Азбука“ ја создава врз база на размислувањето за танцот како „невербален начин на комуникација и лично изразување. Но, што ако го погледнеме од друга страна, како затворен систем кој содржи само 31 движењe? Замислете свет во кој сите луѓе се движат на ист одреден начин. Дали тогаш би можеле да разберете што тие сакаат да кажат/изиграат?“

Александра Петрушевска  вели дека „појдовната точка во „Еден” е секогаш индивидуалецот иако групното дејство не е исклучено. Физичката нарација на танчарите отвора нов еластичен простор. Има игра со простор, време, спротивности… и заедно градат една еклектична композиција. “

Дејан Битровски за кореографијата „Јас и вие“ инспирацијата ја наоѓа во размислите на писателот Чарлс Буковски: …„некои го губат имот и стануваат душа, несвесна: некои ја губата душата и стануваат ум, интелектуалност; некои ги губат двете нешта и се општоприфатени.“

Претставата „ZERO“ Скопје танцовиот театар, со почит ја посветува на прерано починатата примабалерина Јагода Сланева, која беше дел од тимот на театарот.