Здравата храна се препорачува, но цените за истата се високи

Здрава храна е еднакво на здрав и долг живот. Постојано  сме сведоци на многубројни реклами и промоции, што е добро за нашето здравје и здравјето на нашите деца. Но, за да се храниш здраво потребни се дополнителни приходи.

За многу македонски семејства купувањето на здрава храна е скапо.

Секој човек дневно треба да одвои дополнителни 1,1 евра за здрава исхрана, што на годишно ниво е повеќе од 400 евра, соопшти Светската здравствена организација (СЗО).

„Доколку сакате да имате квалитетен оброк со риба, зеленчук и овошје, треба да одвоите дополнителни 1,1 евра дневно“, вели СЗО, додавајќи дека оптималното количество е 2.000 калории.

Научниците пресметале дека здравиот оброк е многу поскап од исхраната која содржи индустриски месни преработки и други додатоци.

Тие навеле дека за дневно консумирање 400 грама овошје или зеленчук треба да се одвојат дополнителни 1,17 евра и тоа само за едно лице.

За брачна двојка со две деца тоа се дополнителни 131,04 евра.