Завод за статистика ја демантираше Ременски: Засега нема иницијатива за вонреден попис

Пратеничката од редовите на СДСМ, Фросина Ташевска Ременски, вчера ја разбрани јавноста со изјавата дека во тек се подготовки за одржување на вонреден попис.

 Оваа изјава на пратеничката, за А1он ја демантираа од Државниот завод за статистика велејќи дека немаат никакви информации во врска со тоа и дека подготовки за предвремен попис на населението засега нема.

-Досега од владата нема пристигнато никакво известување за одржување на вонреден попис. Заводот во континуитет се подготвува за редовниот попис кој треба да се одржи во 2020 или 2021 година и подготовките течат во најдобар ред. Препораките од Обединетите нации се пристигнати и ги разгледуваме. Очекуваме овој пат пописот да биде извршен во целост, велат од Државниот завод за статистика.

Оттаму исто така информираат дека за наредната година се подготвува пилот проект кој ќе биде спроведен како генерална проба пред редовниот попис.

Последниот редовен попис во Република Македонија започна на 1 октомври 2011 година и беше планиран да трае 15 дена, но на 10 октомври оваа статистичка операција беше изненадно стопирана поради поднесената колективна и неотповиклива оставка на пописната комисија. Пописот од нејасни причини никогаш не беше завршен.