Затвореник од затворот Идризово живее со куршум во нога

Затвореник живее со куршум во нога во најголемиот затвор Идризово во Скопје, јавува Досие.мк. Според податоците на порталот, затвореникот требало да биде испратен на лекување на хируршките Клиники, но од затворот со месеци не го однеле.

Затвореникот има дозвола од судот за лекување, а затворските власти требало да го однесат и чуваат на клиника со закажан термин на 8-ми овој месец. Но, од необјасниви причини тој не е однесен. Поради куршумот во десниот колк затвореникот доколку преживее ќе остане траен инвалид.

За постапката на Затворот од Досие.мк побарале одговор од Управата за извршување Санкции од каде добиле информација дека за затвореникот се чека асистенција за негов транспорт и чување, за што веќе е договорен нов термин.