Затоа што сопрузите, дечковците, љубовници си доаѓаат и си заминуваат, а ние остануваме

Имам две другарки кои највеќе ги сакам. Тие се сосема различни. Седеа позади мене кога бевме средно. Заедно поминавме сѐ и сешто: први заљубувања, први патувања, луди излегувања, танцувања додека не омалаксаме, први солзи проплакани за дечковци, итн.

Создававме спомени и ги раскажувавме толку често, што им здосадивме на сите. Имавме заедничка младост. О, каква младост беше тоа.

И потоа, полека, една по една, ние си ги пронаоѓавме сопствените животни патишта, своите лични приказни и разочарувања, своите тивки и големи болки, секоја со својата сопствена среќа и тага. Но, едно знам, а тоа е дека никогаш не се откажавме едни од други. Понекогаш изгледаше како да си излегуваме од животите, но секогаш успевавме да си се вратиме назад.

Тие се мојата банда. Моето племе. И ме сакаат. Секогаш. И кога се лутат, ме сакаат. Тие се мојот столб, моето сидро, дури и кога не се свесни за тоа. За многу работи никогаш не им се заблагодарив, знаејќи дека за некои работи никогаш нема да можам да им се оддолжам.

Во текот на годините си ги подаривме сите можни подароци и јас повеќе немам што да подарам, освен овие неколку редови и пак не можам да доловам какво богатство се тие во мојот живот.

Затоа што тие ми се сестри, а сепак не ми се вистински сестри.

Затоа што се креваме едни со други и по најголемите падови.

Затоа што нашите кафиња значат слобода, значат украдено време од пелени, успивања, домашни задачи, учителки...

Затоа што и натаму заеднички поминуваме два часа месечно зборувајќи за нашите желби, за тоа што сакаме и како сакаме.

Затоа што никогаш нема да бидеме престарени за да престанеме да се кикотиме и да се смееме до солзи додека другите чудно нѐ гледаат.

Затоа што планираме патувања на кои речиси и да немаме шанси да отидеме, но ги планираме како веќе да сме се спакувале.

Затоа што си делиме комплименти дури и кога изгледаме утепани.

Затоа што си праќаме пораки и си кажуваме дека се сакаме дури и без никаква причина.

Затоа што редовно одиме на концерти, танцувајќи како тинејџерки.

Затоа што не планираме никогаш да остариме во душите, а сепак си купивме соодветни креми.

Затоа што вакви ќе бидеме сѐ додека нѐ служат колковите.

Зошто? Затоа што со децении сме нераздвојни, без оглед на животот, затоа што сме другарки од средно, затоа што ние сме си сродни души. Затоа што сопрузите, дечковците и љубовниците доаѓаат и си одат, а ние остануваме. Едни за други, дури и ако сме на спротивни страни на светот.

Чувајте ги своите другарки, негувајте ги тие односи онолку колку што ви дозволува животот. Дружете се почесто, плачете си заедно, смејте се заедно. Секогаш. Славете го животот. Јадете колачи и кукајте колку сте дебели. Кога ќе се вратите дома имајте насмевка на лицето затоа што сте биле со оние кои секогаш ве разбираат. Затоа што, не знам дали ви кажав, ама постојат вечни љубови. Се викаат најдобри другарки!