Заштитни столпчиња, сообраќајни „острови“ се поставуваат по булеварите

Околу 4.000 заштитни столпчиња ќе никнат по тротоарите на булеварите како би се зголемила безбедноста на пешаците и на велосипедистите.

Поставувањето на столпчињата е во тек, односно започна кон крајот на минатата година. На терен работите ги изведуваат екипи од ЈП „Улици и патишта“ од каде што посочуваат дека првите столпчиња биле поставени во ноември, во делови на булеварот „Партизански одреди“.

Досега, столпчиња се поставени на булеварите „Метрополит Теодосиј Гологанов“, „Св. Климент Орхидски“, „Партизански одреди“, „Кузман Јосифовски Питу“, како и на улиците „Димитрие Чупоски“ и „11 Октомври“ (кај градската општа болница „Свети Наум Охридски“).

На булеварот „Партизански одреди“ покрај столпчињата, се изградени и сообраќајни „острови“, а се поставени и огради на пешачките премини со цел да се зголеми безбедноста на пешаците и на велосипедистите. „Островчиња“ се изградени на вкрстувањето на булеварот со улицата „Ленинова“, кај Порта Буњаковец и на вкрстувањето со улицата „Костурски херои“ (поранешна „29 Ноември“), спроти Универзална сала.