„Заработивме за да живееме и да заштедиме, ама заработивме и болести - отидовме млади, сега се враќаме стари”

Чичко Душко денеска е пензионер. Кога имал околу 30 години ја напуштил родната земја и со штотуку венчаната сопруга заминале за Германија. Таму започнале со работа и основале семејство.

-Секогаш бевме странци. Иако тамо поминавме околу 35 години, ние сепак се чувствувавме како странци, вака ја почнува својата приказна чичко Душко.

Душко и Сава се пензионери. Душко во Германија работел како механичар, а Сава работела во државна болница во кујна.

Тие имаат четири деца. Сите веќе се самостојни, фамилијарни и живеат во Германија. Нивните деца иако се родени во Германија, нешто сепак ги влече за Македонија. Секоја година по два пати доаѓаат тука. Имаат своја куќа и во неа поминуваат време. Знаат да зборуваат и македонски јазик.

-Заработивме за да живееме, заработивме и за да заштедиме, ама заработивме и болести. Отидовме млади, сега се враќаме стари! Со овие две реченици Душко речиси и да го раскажа целиот свој живот поминат во Германија.

Тој вели дека ова не важи само за него, туку за сите гастарбајтери, кои целиот работен век го поминале во туѓина.

А што по пензија?

Чичко Душко многу време размислувал, по пензионирањето да си ги скапува куферите и со сопругата да си се вратат во својата родна татковина.

-Иако 35 години сум жител на Германија, сепак пак нешто ме влече кон Македонија. Тука сум роден, тука пораснав, тука се школував, тука се оженив. Но, децата ми се во Германија. Таму ми се внуците, кои не ни помислуваат да продолжат да живеат во Македонија. И така одлуката за селење, отиде во вода. Сега сме пензионери, па почесто доаѓаме, не како порано, кога одевме на работа, и кога имавме само одмор.

За живејачката во Германија тој не се жали.

-Убаво е, не викам не. Работиш многу, но и заработуваш. Имаш за да живееш, имаш и да заштедиш. Заработуваш добро. Но, работа е од утро од мрак. Заработуваш пари, но и болести, за жал, вели тој.

Многу македонски гастарбајтери, кога ќе дочекаат пензија во странство, се враќаат назад во родната татковина, но и многу од нив остануваат таму каде што се.