Западнобалканските лидери во акција за задржување на младите во матичните земји

Политичките лидери на земјите од Западниот Балкан изминатиов викенд од 4-от Регионален младински форум во Нови Сад упатија пораки за создавање услови за поактивно учество на младите во изнаоѓањето решенија за предизвиците и проблемите со кои се соочуваат регион и Европа, со цел да останат и да ги градат своите кариери во матичните држави.

– Потребно е менување на менталниот склоп во регионот. Наместо да чекаме пораки од Брисел и големите центри, да ја донесеме ЕУ во регионот со реформи и економски развој, за младите да останат дома, изјави претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на Претседателскиот панел на Форумот.

Тој апелираше „на младите да им се овозможи првата шанса за работа да ја добијат дома, за што е и реализацијата на иницијативата за т.н. Мал Шенген.“

– Ако ги имплементираме вредностите на Европската Унија во нашите земји, ќе можеме да ги задржиме младите во земјата. Младите можат да одат каде сакаат и тоа не може никој да им го забрани. Но, ние како одговорни политичари мора да им понудиме можност тука, дома да ја имаат првата шанса за да успеат. Само ако им го понудиме тоа, можеме да се надеваме дека ќе останат во своите матични земји, заклучи претседателот Пендаровски.

На Форумот учествуваше и премиерот Зоран Заев кој од завршната пленарна сесија насловена „Западен Балкан во 2030 – Визии. Желби. Реалности“ порача дека политичките лидери од регионот треба да ги обезбедат сите услови со цел младите да го прифатат и да го предводат бранот на промени во своите земји и во регионот.

Тој нагласи дека нема поубава порака за нашата иднина за десетина години, од Форумот во Нови Сад на кој се собрани млади луѓе за да испратат порака дека се охрабрени и мотивирани и дека сакаат активно да учествуваат во креирањето на сопствената иднина во регионот и во Европа.

– Регионот се менува и тоа е незапирлив процес, а младите треба да се двигатели на тие промени. Не може да чекаме некој друг да ни помогне, нагласи премиерот Заев.

Тој потенцираше дека политичките лидери треба да ги обезбедат сите услови младите да учествуваат во изнаоѓањето решенија за предизвиците и проблемите со кои се соочува регионот.

Српскиот претседател Александар Вучиќ во обраќањето на Претседателскиот панел на Форумот посочи дека бројките на иселување на младите во целиот регион се алармантни.

– За да ги задржиме младите треба да им се понуди перспектива, со добра политика и раст на економијата со високи плати, изјави Вучиќ, кој, исто така, посочи дека во таа насока е и „Малиот Шенген“, при што најави и воведување на „трајни дозволи за работа“ во земјите што ќе бидат опфатени со иницијативата.

Во тој контекст, премиерот Заев од Нови Сад најави дека Владата во моментов работи на измени на Законот за странци, во делот кој се однесува на добивање работни дозволи.

– Се надевам дека до декември тој ќе помине во Собранието, со што граѓаните од целиот регион, во која било земја ќе бидат исти како и граѓаните од самата земја и нема да имаат потреба шест месеци да чекаат работни дозволи и целата таа постапка која постои, изјави Заев.

Српската премиерка Ана Брнабиќ најави дека и Србија веќе покренела иницијатива за признавањето на професионалните квалификации.

Брнабиќ нагласи дека тоа ќе овозможи да не бидат потребни дополнителни работни дозволи, кои ќе можат да се добиваат автоматски и во што е можно пократок временски период, со цел луѓето кои сакаат да работат тука, пред се младите, да останат во регионот.

Анкетата што по нарачка на Детектор ја спроведе Институтот за политички истражувања од Скопје, покажува дека половина од младите размислуваат или некогаш размислувале да се иселат од државата.

Иселување

Според анкетата, 52 отсто од испитаниците помлади од 29 години размислуваат за иселување од државата. Од целокупната популација 32,9 проценти изјавиле дека размислуваат или некогаш размислувале да се иселат, додека 62,3 отсто имаат намера да останат во државата.

Дури 79,8 проценти од анкетираните како причина за иселување ја навеле потрага по подобра работа, плата и животен стандард.

Анкетата е спроведена врз репрезентативен примерок од 1.101 испитаници во периодот од 25 до 29 октомври годинава со маргина на грешка од плус – минус 3 отсто.