Работниците се задоволни, а работодавачите велат дека имаат обврска да го почитуваат законот за минимална плата, но оти ваквото зголемување е оптоварување за финансиски послабите компании.

Минималната плата од овој месец почна да се исплатува во износ од 12.000 денари со што околу 130 илјади работници добија зголемена плата. Законски се опфатени и вработените во кожарската, текстилната и чевларската индустрија кои досега земаа минималец од 9.590 денари и заостануваа пред другите вработени на кои им беше исплатувана минимална плата од 10.080 денари.

Работниците се задоволни, а работодавачите велат дека имаат обврска да го почитуваат законот за минимална плата, но оти ваквото зголемување е оптоварување за финансиски послабите компании.

- Најмногу проблеми се јавуваат кај финансиски послабите компании каде сите вработени досега земаа 9.590 денари. За нив, овој пораст е огромно оптоварување и затоа во соработка со Министерството за труд и социјална политика бараме одредени решенија како да им се помогне на овие компании, дали преку активните политики за вработување или на друг начин за да се спречи отпуштање на работниците бидејќи никој нема цел од една страна да се зголемат платите, а од друга страна да се намали бројот на работниците, вели Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавчи на Македонија.

Тој додава дека во кожарската, текстилната и чевларската индустрија покрај зголемувањето на нето платата од 2.500 денари, има зголемување и на придонесите и на даноците од над 2.000 денари.

- Со ребалансот на буџетот се предвидени поголем број средства за активните политики за вработување. Но, овие компании, поради одредени критериуми, не можат да ги користат средствата пред се поради големото осипување на бројот на работници. Затоа, се бара покрај смрт на работник или заминување на пензија, самоволното заминување на работникот, да не се смета како намалување на бројот на вработените, појаснува Димитров.

Во Сојузот на синдикати на Македонија досега немаат добиено поплака или реакција од вработени дали се почитува законската обврска за исплата на минималната плата, но велат дека будно ја следат ситуацијата и доколку добијат пријава, ќе реагираат до Трудовата инспекција.

- Со оглед на тоа дека законот само што профункционира, до ССМ сеуште нема пристигнато поплака или реакција од вработени дека работодавачот не им има исплатено минимална плата од 12.00 денари. Тоа не значи дека законот се почитува 100 проценти кај сите работодавачи, посебно кај приватниот сектор, со оглед на тоа дека досегашната пракса покажала оти одредени работодавачи од приватниот сектор ја исплаќаат платата по 15 во тековниот месец, тоа би можело да биде знак дека исплатата на минималната плата можеби некаде одредени рабодавачи нема да ја испочитуваат докрај. ССМ будно ја следи ситуацијата преку своите членки, и иако знаеме дека секој почеток на примена на ново законско решение наидува на потешкотии, сепак во првиот момент кога ќе добиеме дојава дека одреден работодавач го прекршил законот за минимална плата и не ја исплатил во износ од 12 илјади денари, ќе реагираме кај трудовата инспекција и ќе побараме да се излезе на терен и да се испитаат околностите поради кои не е исплатена минималната плата, вели Ристо Ајтов од ССМ.

Имајќи предвид дека законското решение предвидува државна помош за работодавачите при исплата на минималната плата, Ајтов смета дека не постои ниту една причина поради која некој работодавач не би ја исплатил минималната плата.  

- ССМ смета дека има простор и овие 12.000 денари во иднина да се зголемат затоа што никој од работодавачите не пробал да живее неколку месеци со овие средства кои ги земаат работниците, истакнува Ајтов.

Во однос на законот за минимална плата, ССМ реагираше во делот што се однесува на нормираниот учинок, што според синдикатот, не треба да постои. 

Зголемувањето на минималната плата на 12.000 денари за сите сектори беше ветување на новата Влада, која како поддршка на работодавачите од државниот Буџет ќе одвојува 1,5 милиони евра за реализација на оваа мерка.

За првпат минималната плата беше утврдена во 2011 година кога трите социјални партнери – Владата, синдикатите и работодавачите, се договорија минималецот да изнесува 8.050 денари во нето износ. Законот почна да се применува од 2012 година, а подоцна износот на минималната плата беше зголемен на 10.080 денари, но кожарската, текстилната и индустријата за чевли секогаш заостануваа во висината на минималната плата.