Загадувачите на воздухот ќе се бараат на терен

Со засилени инспекциски контроли и со соработка со полицијата, општината Карпош ќе ги бара оние што палат отпад, шут и гуми и го загадуваат воздухот. Надлежните информираат дека од 15.30 до 23.30 часот, патролираат редовни инспекциски контроли. Истовремено, тие упатуваат апел до граѓаните што имаат проблем со чад и миризба од палење да се јават и да пријават на официјалниот телефон на општинските инспекциски служби 078-257-640, до 23.30 часот. Оние што ќе сакаат да го сторат тоа по 23.30 часот, ќе мора да го користат телефонскиот број 193 на Противпожарната бригада на градот Скопје.

Инаку, изминатиов период граѓаните на Карпош реагираа на присуството на чад и миризба што доаѓаа во населените места Нерези, Тафталиџе 2, Влае и Карпош 4. На нивните реакции, градоначалникот на општината Карпош, Стефан Богоев, истакна дека, според информациите со кој тој располага, чадот за кој се жалеа граѓаните доаѓал од атарот на општината Сарај и околината.

– За овој проблем разговарав со службите од градот Скопје и пријавивме во градскиот инспекторат, да излезат на терен и да направат увид на состојбата и, секако доколку има причина, да се преземат соодветни мерки и санкции. Упатувам апел до граѓаните од оваа општина, кои се земјоделци, да не ги палат т.н. стрништа, да не го прават тоа за да ги подготват своите ниви за сеидба, бидејќи градот Скопје има обезбедено служби што бесплатно ќе ги исчистат стрништата. На тој начин, сите ќе придонесеме за заштита и чување на животната средина – истакнува Богоев.

Првиот човек на Карпош вели дека се засилени инспекциските контроли и, во соработка со полициската станица „Карпош“, се интензивирани полициските патроли по должината на кејот на реката Вардар, во близината на мостот „Газела“ и во населбата Злокуќани. Градоначалникот Богоев истакна дека заштитата на животната средина и околина и во иднина ќе биде еден од главните приоритети на локалната самоуправа, во текот на целата година, а не само во критичните зимски месеци, кога загадувањето е најголемо на територијата на градот Скопје и низ целата земја.