За еден месец ќе завршат градежните активности во Бутел и кај кружниот тек во Кисела Вода

Секојдневно 50-60 илјади луѓе од северниот дел на градот не можат да излезат или влезат во своите населби: Бутел, Радишани и селата од Скопска Црна Гора. Веќе неколку месеци работите стојат  во место, а нервозата секој ден е се поголема. Споро оди поврзувањето на булеварот „Христијан Тодоровски-Карпош“ и улицата „Цетинска“.

-Кога го преземав Град Скопје затекнав три поголеми проблеми. Првиот е булеварот „Трета македонска бригада“ кон Лисиче каде се уште постои пералната среде булевар. Тој се градеше повеќе од две или три години без да бидат расчистени имотно-правните односи со сопствениците на земјиштето каде се наоѓа трасата. Тој сега е предмет на постапка. Вториот е на поранешната постојка на автобусот со број 24 во Кисела Вода, каде е кружниот тек, вели скопскиот градоначалник Петре Шилегов во интервјуто за МИА.

Во овој дел од градот градежни работи почнале без да биде завршена експропријацијата. Едноставно се раскопале улиците, се полуоформил кружниот тек и работите се застанати. Луѓето од тој дел на Кисела Вода, Припор и Сопиште едноставно се движат во такви услови, таква е состојба повеќе од две години.

-Таму имаше неразрешени седум експропријации за да може да се заврши кружниот тек. Ние ги решивме сите седум, луѓето се исплатени и надминати се техничките проблеми кои исто така не биле предвидени со „Водовод и канализација“ и со ЕВН. И полека таму се извршува градбата.Булеварот „Христијан Тодоровски-Карпош“ е еден од најапсурдните проекти зашто е направен до половина и во моментов завршува во нива. Тоа е првата аномалија, предвидена е градба, а не е истеран до крај. Во меѓу време Градот ја заврши јавната постапка и тендерот, потпишан е договорот и ќе го воведеме во градба избраниот понудувач за во рок од 18 месеци, место во нива, да завршува кај обиколницата во Радишани. Вториот проблем е кај спојката меѓу Бутел 1 и Бутел 2, кај подвозникот. Тука е застојот на работите што ги затекнавме бидејќи во проектирањето на таа делница не била земена предвид подземната инсталација, ниту електрична, ниту водоводна, која се наоѓа на самата траса. Моравме во меѓувреме да изнајдеме техничко решение, да го изработиме градежниот проект, сето тоа е веќе завршено и полека се влегува во реализација и очекувам во наредните 20-30 дена тој проблем да биде надминат. Во овој град не се градело по план туку на диво. До толку било неодговорно, а последиците ги чувствуваат луѓето. Очекувам дека не повеќе од 30 дена треба да завршат градежните активности во Бутел и кај кружниот тек во Кисела Вода, објаснува Шилегов.