Временско ограничување за издавање сторна сметка кај угостителите и обложувалниците

Угостителите и обложувалниците ќе имаат временско ограничување за издавање сторна сметка. Ова е новина во измени на Законот за готовински плаќања што е во собраниска постапка, а ги најавува министерот за финансии Драган Тевдовски во интервју за МИА.

-Се прават неколку измени што се прават во насока на намалување на даночната евазија. Фокусирани сме на еден дел што се однесува на сторнирање на сметките. Едно од решенијата на законот е при сторнирањето на сметките да се приложува и сметката што е сторнирана. Друга измена, се доуредува и делот кај издавањето сторни сметки кај угостителите и обложувалниците, кај кои се пропишува временско ограничување за издавање сторна сметка во рок од 15 минути од издавањето на фискална сметка, со цел да се спречат злоупотреби, појаснува министерот во интервјуто.

Во него говори и за измените на законот за субвенциониран станбен кредит, со кој, како што истакнува најзначајно е што се намалуваат каматните стапки и оти по овој основ заштедите ќе изнесуваат околу 1.300 евра за кредит од 50.000 евра.

–Одлично е што во земјава имаме каматни стапки за станбени кредити што се под три отсто, поточно во првите три години со измените камата ќе биде 2,9 отсто. Досега не сме имале толку ниски каматни стапки. Подобрени се условите и намалени се каматните стапки и за четвртата и петатта година од станбените кредити. Тоа ќе направи сериозни заштеди за граѓаните. Само од намалувањето на каматната стапка заштедите ќе изнесуваат околу 1.300 евра за кредит од 50.000 евра, вели министерот.

Тевдовски очекува набрзо, најверојатно во текот на овој месец или почеток на следниот месец, да биде донесен закон, а граѓаните кои немаат свое живеалиште да можат на многу полесен и поевтин начин да дојдат до свое живеалиште.