Возењето велосипед го намалува ризикот од срцеви заболувања, карцином, дијабетес

Генералното собрание на ООН во април 2018 година, го прогласи 3 јуни за Светски ден на велосипедот. Целта е да се посвети внимание на велосипедите во стратегиите за развој и нивно вклучување во меѓународните, регионалните, националните и локалните развојни политики и програми.

Резолуцијата ги потенцира придобивките на велосипедот како едноставен, сигурен, достапен, чист и еколошки одржлив начин на транспорт и го препознава велосипедот како средство за развој, поттикнувајќи ја креативноста и социјалното вклучување за обезбедување пристап до образование, здравје и спорт.

Во 2020 година, обележана со пандемија на коронавирус, велосипедот, како и во случај на претходни различни природни непогоди и економски кризи, уште еднаш покажа колку е прилагодлив и ефикасно средство за превоз и мора да биде неопходен дел од транспортните политики на иднината.

Холандскиот град Утрехт се најде на првото место на листата на најпријателски градови за велосипеди во светот. Во топ 10 листата на градови, освен Хангџоу од Кина, сите други се европски градови, пишува агенцијата Анадолија.

На овој ден се организираат меѓународни и локални настани за да се поддржи развојот на велосипедската култура во општеството.

Покрај тоа, ОН ги повикуваат земјите членки да ја подобрат безбедноста на патиштата, да преземат мерки за осигурување на безбедноста на пешаците и велосипедистите и да планираат транспортни инфраструктури.

Употребата на велосипедите е значајна во намалувањето на влијанието на зголемената потрошувачка на фосилни горива во светот, а исто така има придобивки и за здравјето на луѓето.

Според Светската здравствена организација (СЗО), возењето велосипед го намалува ризикот од срцеви заболувања, карцином, дијабетес…