Возбуда, радост и моќен звук - почна новото патување на Македонската филхармонија (ГАЛЕРИЈА)

Епскиот звук на Свитата бр. 2 од балетот „Лабин и Дојрана“ го означи свеченото влегување на Македонската филхармонија во својот нов дом.

Со звуците на еден од основоположниците на оваа прва национална музичка институција, композиторот Трајко Прокопиев, оркестарот го почна своето ново патешествие во музичкиот храм кој зрачи со убавина. Под диригентската палка на еден од најдобрите диригенти и пијанисти денес, маестро Владимир Ашкенази, оркестарот свиреше моќно, возбудено, со голема радост и ентузијазам.

Настапот и на македонскиот и светски пијанист пак, Симон Трпчески, беше уште еден голем и редок повод да се биде присутен на првиот концерт во новата концертна зграда, на едно место да се почувствуваат сите убавини на музичката култура во Македонија. Неговата изведба на виртуозниот Концерт за пијано и оркестар бр. 3 од Сергеј Прокофјев, уште еднаш потврди зошто Трпчески е нашиот маестро кој настапува во сите светски престижни концертни сали, со сите врвни оркестри и диригенти. Неговата интерпретација беше маестрална, а вљубениците во музиката со нетрпение го очекуваа, затоа што Трпчески во Скопје настапи по пауза од десет години.

Овациите и долгиот аплауз не стивнуваа ниту на крајот, по врвната изведба на Петтата симфонија од Петар Илич Чајковски. Преполна сала, прекрасна музика и врвни солисти, е накусо првичната импресија од свеченото отворање на новата концертна сала.

„Кога нешто долго очекувате и кога на крајот ќе ви се исполни, тогаш на среќата и нема крај“, вели Маја Чанаќевиќ, директорка на Македонската филхармонија. „Многу сме возбудени што конечно нашата институција доби свој дом, нова концертна сала која ќе ги прими сите вљубеници во музиката.

На свечениот концерт слушнавме како навистина звучи и како треба да звучи еден симфониски оркестар. Сега имаме врвна акустика, имаме концертна сала какви што има и во светските метрополи. Овој наш нов дом ќе ни биде силна инспирација за понатамошни предизвици.

Не радуваат позитивните коментари од публиката и особено од стручната јавност, но и позитивните коментари од гостите од регионот, кои исто така беа воодушевени од тоа како изгледа и како звучи концертната сала на Македонската филхармонија.“