Државниот инспекторат за животна средина вчера  извршил вонреден инспекциски надзор на депонијата за комунален отпад Дрисла.

Макрадули информира дека Дирекцијата за радијациска сигурност направила инспекциски надзор во Дрисла и додаде оти таму не е утврдена радијација. Тврди дека од 2013 до 2017 година во Македонија не е  влезен медицински отпад од странство. 

Дрисла е единствената инсталација во Македонија која преку инцелераторот го третира медицинскиот отпад. Макрадули посочи дека со Министерството за здравство разговараат медицинскиот отпад да биде третиран во самите установи, односно онаму каде што се создава.

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов на средбата со медиумите рече  дека e добро депонијата Дрисла да се врати под надлежност на Град Скопје, да добијат податоци за работењето во изминатите седум-осум години и да се направи ново јавно-приватно партнерство, кое би било со примена на нови технологии. 

Шилегов информираше дека Дрисла е капацитет на градот, кој согласно активниот договор 80 отсто е на италијанскиот партнер, а само 20 отсто на Град Скопје. Во правна смисла, како што рече, тоа сериозно ги ограничува можностите на Град Скопје да интервенира во работењето. Град Скопје има само еден член во управниот одбор на ова претпријатие. Оваа состојба е од 2011 година, кога е донесена одлуката за јавно-приватно партнерство.  

Скопскиот градоначалник соопшти дека во изминатиот период имал состаноци со потенцијални кандидати кои сакаат да го менаџираат отпадот во Скопје, а се размислува и за фабрика за отпад. 

Шилегов и Макрадули потенцираа дека проблемот со загадувањето е мултикомплексен и оти не може веднаш да се реши. Дрисла има влијание врз загадувањето, кое не е пресудно.