„Водовод“ најавува засилени контроли на диви приклучувачи

Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ најави засилени контроли во наредниот период, во подрачјата каде често се случува граѓаните на диво да се приклучат кон водоводната мрежа. Како што велат од Јавното претпријатие, се користи вода за пиење за наводнување на ниви, па се јавува недостиг на вода во други делови.

Жителите на Глумово, Матка и Шишево се жалат дека секојдневно имаат рестрикции на вода кои траат и по неколку часа. Жителите велат дека проблемот не се јавува прв пат, вакви ситуации има од 2007-ма. Секојдневно полнат вода во шишиња за да ги задоволат дневните потреби. Условите се катастрофални, велат жителите. Пред 9 години, проблемот го решиле така што го блокирале патот, но сега се плашат дека повторно некој краде вода па тие ја немаат во нивните домови.

Од „Водовод“ велат дека технички нема проблеми во водоснабдевањето, туку некој најверојатно ја краде водат и ја користи за наводнување на бавчи и ниви.

 -„Последната недела на наведените места има енормно зголемена потрошувача на вода. Технички од страна на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје нема никаков проблем, водата пристигнува до овие места нормално. Проблемот настанува кога дел од граѓаните на овие населби неконтролирано ја трошат водата за наводнување на зелени површини и дворови, а исто така и дел се приклучуваат нелегално на мрежата. Ние секојдневно вршиме контроли на целата територија на Град Скопје, а деновиве планираме и засилени акции во средините каде постои проблем со нелегални приклучоци и неконтролирано трошење на водата за пиење за наводнување на зелени површини“ - велат од ЈП „Водовод и канализација“.