Во ЗОО - градината мирно без никакви проблеми

Од СЗО и Европската асоцијација на зоолошки и аквариуми добивме насоки како да ги заштитиме животните, а особено сме претпазливи кон мајмуните, вели за весникот ВЕЧЕР Тина Мицковска, портпарол на ЗОО Скопје. За да не им недостасуваат на верните посетители, но и за да им го олеснат денот поминат дома, секојдневно има вклучувања во живо од Зоолошката градина со едукативни и забавни виде -  велат од ЗОО. 

Иако Скопската зоолошка градина е затворена за посетители, вработените секојдневно водат грижа за животните во неа. Љубителите на животните, како и родителите со мали деца, преку фејсбук-страницата на ЗОО Скопје можат секојдневно да ги гледаат омилените животни во живо, поточно можат да видат што се случува во просториите и местата кои до сега немале можност да погледнат.

За да не им недостасуваат на верните посетители, но и за да им го олеснат денот поминат дома, секојдневно има вклучувања во живо од Зоолошката градина со едукативни и забавни видеа.

Портпаролот на Скопската зоолошка градина, Тина Мицковска вели дека видеата можат да послужат децата од мали нозе да ги засакаат животните и да се грижат за нив.

-Со малку намален капацитет на вработени поради мерките, секој ден грижата за животните продолжува исто. Животните постојано ја добиваат потребната храна и витамини додека трае кризата со корона вирусот. Од Светската здравствена организација и Европската асоцијација на зоолошки и аквариуми добивме насоки како да ги заштитиме животните, иако научно не е докажано дека корона вирусот се пренесува и кај нив – вели Мицковска.

Таа додава дека се особено претпазливи кон мајмуните.

-Освен тоа, со ветеринарите од Зоолошката кои се во заштитни одела постојано со средства вршиме дезинфекција на живеалиштата, но и на работните простории -информираше Мицковска.

Што се однесува до вработените, таа вели дека максимално се почитуваат препораките од Владата и Министерството за здравство.

-Ние вработените гледаме воопшто да немаме близок контакт и се чуваме едни од други. Сè во служба на животните  –  потенцира Мицковска.

Таа најави дека и во наредниот период ќе продолжат со емитување на видеа во живо, но и фотографии од најинтересните моменти во Зоолошката градина. (извор - Вечер)