Во Скопје се уште ја има онаа топлина од пред 20 години

Топло, убаво и миризливо Скопје. Такво го оставив пред некаде 20 години откако си отидов од него. Тогаш бев дете, имав само 10 години, но многу убаво се сеќавам што оставам зад себе.

После толку време повторно се враќам тука. Многу е поразлично. Многу работи се сменети. Ни улиците не се исти, ни Вардар не е ист, дрвјата повеќе ги нема, но и луѓето не се тие што беа од порано. Се вратив во едно старо, мислев познато, но сепак непознато место.

Сега секој некаде брза, насмевките на лицата речиси и да ги нема. Ги нема оние места од каде купував слатки, кога бев најсреќна во тој момент. На моите деца постојано им раскажував дека таму некаде во Македонија, во Скопје се крие рај во мало. Едвај чекаа тие да дојдат тука, но, мојата желба беше уште поголема. Каде и да се свртам се ми е речиси непознато, солзите се постојано низ моето лице.

Но, ако. Сепак Скопје е Скопје. Убаво е и сега кога е ново. И покрај се, пак мириса на нешто од минатото. Вардар е друг, нов, но мене ме потсетува на нешто убаво, а спомените се секогаш убави.