Во сѐ може да се најде некаква убавина, но не секој може да ја види

Ние сме кревки луѓе. Кревки, а тоа значи и дека сме многу ранливи. Ранливоста нѐ разголува пред општеството чии очи се секогаш вперени во она што го правиме. Разголеноста создава потреба да се скриеме, да ги скриеме оние делови од себе кои на сите би им откриле колкав срам нѐ обземал поради она што го мислиме, кажуваме или правиме. Веќе подолго време размислувам за срамот кој јас го чувствувам поради нешто што дополнително во мене буди чувство на очај и неуспех. Чувства кои навистина ме кочеле во животот. Чувството на срам, за кој не се зборува, затоа што луѓето би зборувале за сѐ само за да ја пополнат тишината, освен се разбира да ја пополнат со вистината за тоа како се чувствуваат.

Како е мачно да се прифатат сопствените ограничувања, да се будиш и да легнуваш со нив, мислејќи дека тоа само нам ни се случува. Освен што е болно, дури и телесно е мачно да живееш со срамот кој ни го намалува квалитетот на живот. Иако сите во одреден момент од животот се сретнуваме со срамот, сепак лесно преминуваме во групата на оние луѓе кои го вперуваат прстот во оние кои не живеат според општествените, религиозните и слични прописи. За секунда се случува човек од жртва да стане насилник, само за да го тргне вниманието од сопствениот срам. Но, баш во тие моменти би требало срамот да биде најприсутен, зарем не? 

И тогаш прорабтува. Го здрмува човекот. Го тресе до изнемоштеност. Некој ќе клекне, ќе се сокрие од општеството, ќе си земе време за себе додека не стане посилен. Во својата болна тишина ќе седне и ќе разговара со својот срам. Ќе се обиде да создаде внатрешен дијалог за да може повторно исправено да оди, наместо згрчено и згрбавено. Одејќи свесен за својата кревкост, слабост, а со тоа и голема храброст. 

Автентично е да се зборува од искуство. Мојата борба сѐ уште трае. Не се случи да зборувам со оние луѓе за кои мислев дека ќе им се доверам. Но, се случи она што покажа дека животот не работи според одреден шаблон. Се случија значајни разговори, споделување на она што го сакам, за оние пред кои сѐ уште не бев подготвена да го спуштам велот на срамот и да ја покажам својата ранливост. Но, се случи нешто. Јас, која признавам, плачам, предавам дел од себе, свесна за цената на својата ранливост. Во тој момент се случи нешто што јас го нарекувам вистинска емпатија.

Со тоа што се „предадов“, се „предадоа“ и тие. И тие ја признаваат својата ранливост, својата борба со срамот, со неуспесите, со потфрлувањата. Тогаш го сфатив она што веројатно цел живот го знаев, а тоа е дека оваа планета е мрежа полна со кревки битија. Сите сме поврзани. 

Сѐ има своја убавина, но не секој ја гледа таа убавина. Попрво би зборувале за некакви привиди, за животи кои воопшто не ги ни живеат. Попрво би оделе по линија на помал отпор, отколку да признаат срам, кревкост, незадоволство...

И мене не ми е лесно. Сѐ уште ми трепери гласот, мачнина сѐ уште ме обзема кога морам да се „разголам“ пред другите. Сепак свесна сум дека промените се случуваат дури откога јасно ќе почнеме да зборуваме за она што ни претставува голем товар и кој го носиме на рамена. Криењето, мижењето, прикривањето се работи кои ги предизвикуваат мачнините и депресивните состојби, кои се вгнездуваат во нас и прават дополнителни проблеми.

Секако, потребно е да бидеме мудри. Сигурно нема да споделуваме ранливи работи на луѓе кои едвај чекаат да ги слушнат тие работи за да озборуваат. НЕ! Ако започнеш со тој внатрешен дијалог, ќе се појави некој посебен кој ќе ти ја даде потребната утеха и помош.

Поради својата затвореност, мојата креативност стагнираше. Но, сега сум подготвена да создавам, затоа што ранливоста можеби е страшна, ама ме направи поотворена и покреативна, затоа што на тој начин ми се прошири и умот. 

Затоа, првиот чекор, како и секогаш, нека биде искрено признавање кон себеси, затоа што каде ќе одиш ако побегнеш од себе?