Вo Македонија само 8% од граѓаните користат електронско банкарство

Според последните спроведени истражувања во Република Македонија само 8% од граѓаните користат електронско банкарство. Пониски удели од нас во користењето на овој тип на банкарство имаат само Црна Гора 4%, Бугарија 5% и Романија 7%.

Иако во земјава во последните десет години уделот на интернет банкарството е двојно зголемен во однос на 2009 година кога изнесувал само 4%, сепак Македонија многу заостанува во однос на другите европски земји. На ниво на Европа, над 50% од граѓаните користат интернет банкарство и ги искористуваат новите, поедноставни начини на плаќање со кои се избегнуваат чекањата и користењето на готови пари.

Меѓу земјите-членки на ЕУ, интернет-банкарството е најзастапено во Данска (90 отсто од луѓето на возраст од 16 до 74 години се изјасниле дека го користат) и Холандија (89 отсто), по што следат другите нордиски земји, Финска (87 отсто) и Шведска (86 отсто). Од другите земји на Балканот, интернет банкарство користат 16% од населението во Србија, 33% во Хрватска, 39% во Словенија и 23% во Турција.

Овој тип на банкарство е најчесто популарно кај помладото и образовано население. Република Македонија и покрај напредокот и порастот во процентот на користење интернет банкарство сепак заостанува во овој поглед и треба да работи на искористување на целосните капацитети за користење и да тендира кон се поголема употреба на овој тип банкарство со цел олеснување на сите работни процеси.