Во Италија уапсен „принцот од Црна гора и Македонија“

Италијанската полиција го приведе Стефан Чернетиќ поради тоа што со години се претставувал како „принц од Црна Гора и Македонија“ и на тој начин измамил голем број претставници на џет-сетот, живеејќи на нивна сметка и нудејќи им соработка.

Чернетиќ и неговиот соработник се обвинети за лажно претставување и фалсификување документи, а за црниот мерцедес, кој го украсиле со црногорски знамиња и налепници на дипломатскиот кор и со кој се возеле низ цела Европа, ќе добијат посебни казни.

Благодарение на профилите на социјалните мрежи, преполни со слики од елитни настани, како и веб страницата, преку која пласирал лажни вести, Чернетиќ (57) од Торино успеал на светот да му се претстави како потомок на Црнојевиќ и „принц од Црна Гора и Македонија“.

На листата на наседнати се и најпознатата плејбој зајачица, Памела Андерсон. Таа не само што поверувала во легитимноста на престолонаследникот на Црна Гора и Македонија, туку и клекнала пред него, за да ја добие титулата грофица од „Лилијан Санта Марија Лигура“ и била прогласена за „Голема дама на Црна Гора“.

На неговата титула наседнале и други бројни претставници на италијанскиот и светски џет-сет, а на лажниот принц му обезбедувале влез на елитни забави и приеми на градоначалници, високи свештени лица и вистински наследници на кралски семејства.

„Неговото величество“ пред само две недели седело на маса со принцезата Ирена од Грција и од Данска во Атина, а претходно и присуствувал на трки на Формула 1 во Монако, во друштво со шеици и манекенки.

Со години живеел на „висока нога“ и стигнал дотаму да порачал да се изработи негов портрет. Има и свој сајт.

Но, приказната за принцот завршила откако во одморалиште во Фусини принцот направил голема сметка за која менаџерот потоа ја проследил до амбасадите на Македонија и на Црна Гора. Стигнал одговор „не ни испраќајте сметки, немаме принц и сигурно не го делиме со Црна Гора“.

Веднаш потоа било известено италијанското МВР кои испратиле фотографии од Чернетиќ и негов „аѓутант“ во сите полициски станици во државата.

На полицијата и е речено да повнимава на мерцедес со црногорски знаменца и ако го забележат, веднаш да го запрат, бидејќи „државните обележја се лажни, а човекот во него не поседува дипломатски статус, ниту има каква било привилегија“.

Италијански медиуми не јавуваат зошто за отворање на случајот им било потребно речиси една година, но набројуваат дека во апсењето се запленети дипломатски пасош, налепници на дипломатски кор, меѓународни награди, потврда од кралска куќа на Црна Гора и разни дипломи.