Внимавајте за време на постите: Мрсна храна се продава како посна

Маркетите продаваат „посни“ производи кои содржат казеин и сурутка во прав. Потрошувачите не знаат дека овие две компоненти имаат животинско потекло и дека се практично измамени.

За време на пости под ознака „посно“ на рафтовите се нуди храна што содржи млеко, желатин од животинско потекло, свинска маст и други мрсни состојки.

Според експертите, за посни производи се сметаат оние во кои млечните масти се заменети со растителни, но, токму тука е манипулацијата.

– Производите кои содржат казеин или сурутка (во прав) воопшто не се посни бидејќи потеклото на овие две компоненти е анимално. Точно дека од млекото се сепарира млечната маст и таа се заменува со растителна, но казеинот останува, и затоа производот не може и не треба да се декларира како растителен, уште помалку како посен. Слично е и со сурутката, објаснуваат стручните лица.

Сурутката е исклучително здрава, има висока хранлива вредност, ја забрзува дигестијата, ама е со животинско потекло.

Се апелира потрошувачите повеќе да внимаваат при купувањето и секогаш да ги читаат декларациите.

Оние што постат треба да се информираат и за храната што ја консумираат во рестораните и сендвичарите, а се нуди како посна, имајќи предвид дека може да биде подготвена на места и во садови во кои се готват и продукти од животинско потекло.