ВМРО ДПМНЕ ќе гради нови, а СДСМ ќе го продолжи работното време на постојните градинки

Во насока на континуирано решавање на проблемот со децениската запуштеност во сферата на згрижување и воспитување на децата од предучилишна возраст, Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со изградба на нови детски градинки со кои ќе ги зголемиме капацитетите за околу 18.000 деца. Планирано е да се изградат и да се опремат детски градинки со различни капацитети и тоа детски градинки со капацитет за 50 деца, детски градинки со капацитет до 120 деца, детски градинки со капацитет до 220 деца и детски градинки со капацитет до 350 деца. Ова е предвидено во програмата Реално, со која ВМРО ДПМНЕ оди на овие парламентарни избори.

И во програмата на СДСМ има проекти поврзани со заштита на најмладите. Во нивниот план за проширување на мрежата на градинки низ Македонија предвидена е инвестицијата која ќе опфати реконструкција и изградба на нови градинки, во голем број на урбани и рурални општини, меѓу кои Струга, Ѓорче Петров, Куманово, Сопиште, Центар, Аеродром, Карпош, Теарце, Арачиново, Лозово, Карбинци, Шуто Оризари. Наша цел на крајот од четиригодишниот мандат, е за 50% зголемен опфат на деца со предучилишно образование. Во програмата на СДСМ за овие избори се предвидува и работно време до 18 часот за градинките и воведување на работа во смени.