„Визер Скопски маратон“ се одложува

Поради ширењето на коронавирусот „Визер Скопски маратон“ наместо во мај ќе се одржи на 4 октомври.

„Иако вие тркачите, исто како и ние, се подготвувате за вашата омилена трка, сепак некои работи не можеме да ги контролираме во одредени ситуации, но веруваме дека на крај сите ќе излеземе победници и дека заеднички ќе ја пребродиме оваа ситуација. Заради влошувањето на ситуацијата со коронавирусот, како кај нас така и во светот, и заради почитување на мерките кои ги презема нашата Влада заедно со институциите и препораките од Светската здравствена организација, Сојузот на спортови на Скопје како организатор на ВизЕрСкопскиот маратон кој беше планиран за 10 мај 2020, донесе одлука трката да се одложи за 4 октомври 2020 година“, соопштија организаторите.

Сите пријави остануваат важечки и се префрлаат за новиот датум, а доколку некој од пријавените е спречен од било кои причини да учествува на новиот датум, ќе им бидат понудени следниве опции:
• промена на постоечката регистрацијата на друго име за 4 октомври 2020 година
• откажување на регистрацијата за 2020 и добивање бесплатна регистрација за 2021 година
• откажување на регистрацијата за 2020 и учество на Виртуелна онлајн трка 2020

Сите овие опции ќе бидат можни да се реализираат со рок до 31 јули 2020 преку порталот за регистрација www.smartrace.club , деталите ќе бидат објаснети директно до секој учесник со испраќање на емаил порака со конкретни упатства како да ја одберат посакуваната опција доколку не се во можност да учествуваат на 4 октомври 2020.

Пријавувањето останува отворено до 15 септември 2020 година. Повеќе информации на www.skopskimaraton.com.mk