Вистинските пријатели се огледала во кои ги гледаме работите кои нѐ влечат надолу

Почнавме толку лесно да го изговараме тој збор – Пријател. А сепак некако изгледа како да не го разбираме терминот баш најдобро. Често го злоупотребуваме. Го користиме за да ласкаме, калкулираме, да се додворуваме и умилкуваме. Почнавме да го расфрламе зборот на сите страни. Да го користиме за да галиме суети, да надразнуваме комплекси, итн. А тој збор е збунет, сѐ уште не е свесен дека од лек станал оружје, вришти во себе и ги повикува старите времиња. 

Пријатели не се оние кои климаат со глава додека им зборувате, кои ви кажуваат работи кои сакате да ги чуете. Пријатели не ви се оние кои ве советуваат со напамет научени фрази дека „сѐ ќе помине“ и „слушајте го вашето срце“. Не! А уште помалку ви се пријатели оние со кои повремено пиете кафе или пиво. А особено не оние кои ви кажуваат дојави за попусти низ градот. Не ви се пријатели ни они со кои заедно се сликате за на Инстаграм.

Пријателите се чудни суштества. Луѓето често мислат дека пријателите се луѓе со кои совршено функционираме. Тоа воопшто не е точно. Пријателите се огледала во кои ги гледаме работите кои нѐ влечат надолу. Огледала кои ви ги прошируваат маните, а ги намалуваат доблестите, за да ве поттикнат да ја ставите душата на животна диета и да имате позгодна душа. Пријателите се оние луѓе кои животот ги донел на нашиот пат за подобро да се запознаеме себеси.

Тие се водители на вашето лично реално шоу, оние кои ве прегрнуваат кога е тешко, но и оние кои ги поставуваат најтешките прашања во најдраматичните моменти. Тие го кршат вашето его, ве тераат да се борите со сопствените стравови и на крајот го отвораат вашето срце за во него да влезе нова светлина. Тие често користат реченици кои често не сакате да ги чуете. Понекогаш и се браните од сето тоа, а потоа сфаќате дека тие ве познаваат подобро отколку што се познавате себеси. Во дланките на вистинските пријатели се наоѓаат парчињата на вашата скршена душа и на тој начин ви помагаат да ја составите. 

Затоа, избирајте ги внимателно. Чувајте ги кога ќе ви се случат. Не се наоѓаат често, но доаѓаат во вистинско време. Не може да се најдат насекаде, но се појавуваат онаму каде што се потребно. Неверојатно. И кога ќе ги најдете, не се секогаш тука, но вие некако знаете точно каде да ги побарате. Од левата страна на вашите гради, онаму каде што чука вашето срце.