Викенд на гордоста во Скопје

Организаторите на Викендот на гордоста во Скопје, кој ќе се одржи од 22 до 25 јуни, ја објавија долгоочекуваната програма за манифестацијата.

Овогодишниот Викенд на гордоста во Скопје е во организација на Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници”, ЛГБТИ центарот за поддршка и ЛГБТ Јунајтед Тетово. Целта на серијата настани во рамките на Викендот на гордоста е да креираат простор за ненормативни форми на социјални светови, односно релации, идентитетски позиции, и телесни стилови, кои во рамките на хетеронормативното, националистичко и неолиберално капиталистичко опкружување се означени како настрани, изопачени, изродени, ненормални, неуспешни, патолошки, чудни итн.

Носечка идеја зад овогодишниот викенд се ТРАНС-ФОРМАЦИИТЕ. Со оваа носечка идеја сакаме да го отвориме прашањата за различните општествени и културни норми со кои се врамува човековата телесност, особено преку оските на родот и на сексуалноста. Уште позначајно, сакаме да ги претставиме и да експериментираме и со можностите за отпор и лизгање од нормативните решетки, токму преку самата телесност, соопштуваат организаторите.

Во програмата се најавени светски и регионално реномирани уметници и изведувачи. Викендот на гордоста се отвора со изложба на светски реномираниот уметник Касилс (САД/КАН), во четврток, 22 јуни, во 20:30 часот, во Мала Станица – Национална галерија на РМ. Во петок, 23 јуни, во Кино Култура со перформансот „Метарод“ ќе се претстави француското дуо ДОЛОРЕС К., сочинето од уметниците Хелен Би и Виктор Марзук. Сабота, во 17 часот, во Мала Станица, јавно предавање ќе одржи еден од најзначајните перформанс уметници и зналци во областа на визуелните и изведувачките уметности – Доминик Џонсон, од Квин Мери во Лондон. Вечерта во сабота, во ноќниот клуб Епицентар ќе настапи во живо со клупски перформанс Аереа Негро, една од дивите на електронската музика, пејачка со исклучителен вокал, продуцентка, DJ и композиторка. Фестивалот се затвора во недела, 25 јуни, со драг кабаре на белградскиот колектив „Ефемерни исповеди“, во Кино Култура.