„Види ја ти неа“, најдобар интернационален краток филм на „Санденс“

На 34. Филмски фестивал „Санденс“, најголемиот американски фестивал на независен филм, во конкуренција со 17 наслови од цел свет македонскиот филм „Види ја ти неа“ во режија на Горан Столески ја освои наградата најдобар интернационален краток филм. Филмот е  во продукција на Скопје филм студио и Црна мачка продукција.

Наградите во програмата краток филм, кои се признание за извонредни достигнувања, оценувајќи ги уметничките и елементите на пренесување на приказната, ги доделува тричлено жири на краток филм. Годинава членови на ова жири се: Шерин Дебис, наградувана сценаристка, режисерка и продуцентка, Ширли Мансон – вокалот на познатиот алтернативен рок-бенд „Гарбиџ“ и истакнатиот писател и стрип-автор Крис Вер, кој вчера на церемонијата за доделување награди му ја врачи статуетката на режисерот Горан Столевски, при тоа споредувајќи го неговиот стил на пишување со Толстоевиот.

Горан Столевски е роден во Македонија, а живее и работи на релација Австралија-Велика Британија. Своето образование го стекнал на Универзитетот во Мелбурн и Викторијанскиот колеџ за уметности во Мелбурн. Столевски е млад автор, со исклучителен талент со специфичен креативен пристап, со кој се издвојува. Веќе има реализирано над дваесет кратки филмови, прикажани и наградувани на голем број фестивали низ целиот свет, а минатата година беше поканет да учествува во Талент кампус во рамките на Интернационалниот филмски фестивал во Берлин.

„Види ја ти неа“ е приказна за младата девојка Анета, која се обидува да ги реши проблемите во семејството и училиштето вклучувајќи се во еден исклучиво машки верски ритуал, скокање по крстот за Водици.

Улогите во филмот ги толкуваат Сара Климоска, Игор Ангелов, Пируника Киселички, Антонија Белазелкоска, Милица Стојанова, Жарко Јовановиќ, Иво Антов, Виктор Арсов, Симон Манасковски, Изабела Новотни и Горан Илиќ.

Горан Столевски го напиша сценариото за филмот, кинематографер е Наум Доксевски, сценограф Влатко Чачоровски, костимограф Жаклина Крстевска, тонец Братислав Зафировски, а шминката е на Наталија Кајевска. Продуценти на филмот се  Димитар Минов, Кристијан Буровски и Томи Салковски.

Филмот финансиски е подржан од Агенцијата за филм на РМ.

„Види ја ти неа“ е селектиран на најпрестижниот филмски фестивал за краток филм во Клермон-Феран, Франција, со закажани проекции од 3 од 10 февруари.