Веро најавува отворање на три нови маркети

Компанијата „Веро“ во текот на 2017 година отвора три нови супермаркети во Македонија. Пред неколку месеци беше отворен супермаркетот „Веро“ во Тетово, а до крајот на годинава ќе се отвори нов „Веро“ маркет во Скопје и продавница „Џамбо“ во Битола. Од компанијата денеска информираа и дека го купиле просторот на некогашниот ресторан „Мекдоналдс“ во скопската населба Тафталиџе. Просторот ќе стане дел од супермаркетот „Веро“ во Тафталиџе, којшто во претстојниот период ќе се реновира и модернизира.

„Веро“ годинава одбележува 20 години од отворањето на првиот супермаркет во нашата земја. Во овие две децении биле отворени 12 маркети, од кои седум во Скопје, по два во Битола и Тетово и една продавница „Џамбо“ во Скопје. Оваа компанија лани остварила 109 милиони евра приходи од своето работење во Македонија и во Србија.

„Веро е тука за да остане. Во изминатите 20 години се фокусиравме на главните приоритети за професионална услуга, голем избор на најквалитетни свежи производи и ексклузивни понуди креирани според потребите на потрошувачите. Следејќи ги нивните потреби и сугестии, настојуваме да креираме ценовна политика со секојдневна конкурентна понуда со која пазарувањето на потрошувачите им станува вистинско уживање. Тоа е нашата награда и грижа кон нив. Со оваа практика ќе продолжиме и во следниот период бидејќи конзистентноста во овој поглед е единствениот рецепт за успех“, рече Претседателот на компанијата, Никола Верополус.