Велосипедска трка за децата во Карпош

Едукација на најмладите за зголемено користење на велосипедот, интерактивни работилници, вело трки и организација на велосипедски настани, се само дел од активностите кои ќе се реализираат во соработка меѓу Општина Карпош и Здружението на граѓани „Еко – логик”, чии претставници денеска потпишаа и меморандум за продлабочување на соработката.

Во основното училиште „Петар Поп Арсов”, во Карпош 4, денеска учениците организираа велосипедска трка, возеа по полигон и учеа за придобивките од користењето на ова алтернативно превозно средство.

Градоначалникот Стефан Богоев истакна дека Општина Карпош го реализираше и јавниот повик за субвенционирање на купување на нов велосипед, а моментално, активен е повикот за субвенционирање при купувањето на електрични тротинети.

Никола Нешкоски од „Еко – логик” посочи дека ќе работат со учениците велосипедот навистина да биде нивно основно превозно средство, односно да го користат секојдневно и за завршување на свои обврски, а не единствено како хоби активност.