„Вечера за глупаци“ – премиера на театарот „Комедија“

Театарот „Комедија“ утревечер премиерно ќе ја изведе претставата „Вечера за глупаци“ – модерна комедија на Францис Вебер во режија на Ирена Стеријовска, во која е „елиминиран“ четвртиот ѕид, интерактивна е со публиката и ќе прикаже хиперреализам.

Приказната го коментира високото француско општество, кое презаситено од сè што може да си дозволи, креира ситуации во кои ќе може да им се исмева на послабите и понеуспешните. Режисерката на прес-конференција рече дека приказната е „апликативна“ за  цел свет и функционира универзално.

Претставници од високото општество еднаш неделно се собираат на вечера на која секој со себе доведува по еден глупак и се натпреваруваат чиј глупак е најголем глупак.  Дејството се случува  во еден стан, целиот претставен на сцена. Публика има од сите четири страни, а тој хиперреализам, рече режисерката, е алатка за раскажување на приказната.

-Ова е приказна за предрасудите на модерното општество. Можноста да се поседуваат материјални и нематеријални работи, го деформираат ликот во неговата морална оска. Почнува да бара морално неиздржани аспекти со кои може да се забавува. На главниот лик му се случува незгода и денот му се претвора во еден од најлошите за него. Концептот за постановката го „казнува“ главниот лик и тој станува жртва на воајеризмот на публиката, како што глупаците претходно се жртва на неговиот воајеризам. Имаме динамика во која ја коментираме и предисторијата на приказната, но го коментираме и социјалниот, општествениот сегмент во однос на тоа, рече Стеријовска.

Зборувајќи за избраниот концепт на деконструкција на четвртиот ѕид и „укинатата“ дистанција помеѓу дејството и публиката, таа нагласи дека театарот треба да биде атрактивен и да поставува актуелни прашања за, како што рече, да вреди да се посети претстава кога новите медиуми го заземаат сѐ повеќе просторот за консумација на уметноста.

-Овде актерите се разголени и се гледаат од четири страни. Емоцијата е толку блиску до гледачот што секоја недоследност е многу видлива, рече режисерката, додавајќи дека поради таквиот концепт претставата не е технички лесна.

Улогите во „Вечера за глупаци“ ги играат Валентин Костадиновски, Атанас Атанасовски, Илија Илиоски, Тони Денковски, Ема Давчева, Благица Трпковска, Јаков Спасов и Столе Мицов. Костимограф и сценограф е Ана Кркулевска.