„Вечер“: Угостителските објекти ќе работат од 8 до 22 часот

И покрај тоа што беше најавено дека угостителските објекти, кои стартуваат со работа од утре, ќе работат до 20 часот, неофицијално дознаваме дека работното време е продолжено, односно локалите ќе бидат отворени од 8 до 22 часот. 

Според протоколот што им бил доставен на угостителите, кои ќе мораат да се придржуваат до мерките за заштита од ковид-19, помеѓу масите ќе мора да има растојание од најмалку 1,5 до 2 метри, а на една маса ќе може да седат по две лица, односно четворица од едно исто семејство. 

Како што беше претходно најавено се дозволува работа само на отворените делови (терасите), а бројот на гостите ќе биде ограничен и ќе се послужуваат само гостите кои може да седнат.

На влезните врати треба да има одговорни лица кои ќе бидат задолжени за менаџирање на влегувањето на гостите, додека на секоја од масите ќе мора да има средство за дезинфекција на рацете. Задолжителни се и засилените внатрешни контроли на вработените лица од страна на одговорно лице за одржување на личната хигиена (често миење раце) во сите фази на подготовка, прием и послужување на храна; како и засилени санитарно-хигиенски мерки, пребришување на масите со средство за дезинфекција кое делува на вируси според упатство од производителот. На крајот на смената задолжително е механичко чистење и дезинфекција со средство кое делува на вируси според упатство од производителот, алтернативно може да се користи 0,05% натриум хипохлорид (5% белило за домаќинство кое се користи во размер 1:100)  или 70% алкохол за дезинфекција на горни површини. Редовно одржување на тоалетите со задолжително водење на евиденција за спроведеното чистење и употреба на горенаведените дезинфекциони средства; Во оваа втора фаза од олабавување на мерките забрането е организирање на прослави (свадби, родендени, крштевки и сл.).