Во театарот „Комедија“ денеска со почеток од 20 часот ќе се прикаже претставата „Вардарски пастуви“ во режија на Синиша Евтимов.
„Вардарски пастуви“ е во комплетна продукција на театар „Комедија“, а текстот е според филмот „Фул монти“ од Симон Буве и „Дамите избираат“ од Ентони Мекартен и Стивен Синклер адаптиран на маалски скопски локалци.
Адаптацијата е на Евтимов, а негов е и изборот на музика, додека пак за кореографијата е задолжена неговата сестра Саша Евтимова, со која прв пат соработува.
Сценографијата е на Милан Несторов, а костимографијата е на Александар Ношпал.
„Вардарски пастуви“ е за скопска маалска банда која седи и не прави ништо. Нивното нефункционирање во средината, како што рече, не се должи на нивната неспособност, туку на нивната инертност и на тоа што не сакаат да се потрудат и да направат нешто повеќе со себе во животот.
Се интересираат само за фудбалскиот клуб „Вардар“ и за фудбалот. Во момент на апатија и незаинтересираност, во оглас во весник наоѓаат интересна понуда за работа - машки стриптиз.