Утре почнува меѓународната ликовна колонија во Галичник

Традиционалната 28. меѓународна ликовна колонија во Галичник ќе почне утре, 15 август.

На колонијата учество ќе земат осум уметници, и тоа: Светлана Волиќ од Србија, Симон Далеманс од Белгија, Фидан Бејтулаху од Косово, Јулија Хопкинс од Велика Британија, Рената Папишта од Босна и Херцеговина, Рок Богатај од Словенија и Ана Јовановска и Ангел Миов од Македонија.

Колонијата продолжува со своите зацртани прерогативи, а тоа се квалитет во изборот на уметниците и уникатност во поглед на идејната структурираност, па оттука веќе осма година колонијата се движи во правец на дигиталните медиуми и медија уметностите, па, генерално, поканетите уметници се занимаваат со фотографија, видео, инсталација, дигитална графика, звук, перформанс и слично.

Колонијата ќе трае до 22 август, а покрај престојот и работата во ова прекрасно и живописно место, кое со својата богата историја, традиција и природна убавина секако ќе изврши некакво влијание врз оформените уметници, авторите ќе имаат можност да посетат и некои од околните села, да ги видат прекрасните водопади во Ростуше, да го видат манастирот „Св. Јован Бигорски“, а ќе се организира и еднодневна посета на Охрид.