Успесите на македонскиот филм “Борба за смрт” продолжуваат – Филмот стаса до Мароко и Кина

Краткометражниот македонски филм "Борба за смрт", драма во која двајца старци се расправаат за последното гробно место во едно запустено македонско село, е селектиран да учествува на четири интернационални фестивали кои ќе се одржат во текот на октомври.

Во улогата на двајцата дедовци се актерите Мите Грозданов и Илија Струмениковски, а директор на фотографија е Димо Попов.

Филмот ќе ја има својата африканска премиера на Медитеранскиот фестивал за краток филм во Танџиер, Мароко, а во исто време ќе се прикажува во официјална конкуренција на Интернационалниот филмски фестивал во Ханченг, Кина.

Филмот е селектиран и на фестивалот „kurz.film.spiele" во Констанц, Германија, а „Борба за смрт" е дел од селекцијата на македонски филмови кои ќе се прикажат на фестивалот „Седицицорто" во Италија.

- Се радуваме што со премиерата во Мароко достигнавме една цел која си ја поставивме на почетокот - филмот да учествува на фестивали на секој континент во светот - велат од продукцијата.

Во меѓувреме, „Борба за смрт" освои уште една награда - за најдобар краток филм-комедија на фестивалот Балкан Филм амп; Фоод Фестивал, кој се одржа во Поградец, Албанија.

Ова е трета меѓународна награда за филмот после наградата „Златна мачка" за на Филмскиот фестивал за краток филм во Измир, Турција и награда за Најдобра машка улога на

Интернационалниот фестивал за краток филм во Драма, Грција. „Борба за смрт" досега учествуваше на триесетина фестивали ширум светот, вклучувајќи голем број на фестивали кои се квалификациски за БАФТА, Оскар и Европските филмски награди.

Оваа парадоксална драма се снимаше минатото лето во мариовското село Кален. Сценариото и режијата се на наградуваната македонска филмска авторка Елеонора Венинова, продуцент е Гоце Кралевски од ДНФ филмс.

Филмот е финансиран од Агенцијата за филм.