УЈП нема да објавува листа на должници до јуни

Владата на седница донесе повеќе уредби за олеснување на финансиската изложеност на граѓаните и компаниите во услови на криза. Владата донесе уредба со законска сила за примена на законот за буџетите за време на вонредна состојба, која, како што утврдува член 1 од уредбата, ќе се применува за време на траење на вонредната состојба доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.

За фискалната стратегија за среднорочен период од три години, завршната сметка на буџетот, прераспределбата во рамките на одобрените буџети на буџетските корисници и прераспределбите меѓу буџетските корисници на централната власт и меѓу фондовите, ќе се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.

Во член 2 се утврдува дека активностите за подготовка и донесувањето на фискалната стратегија за среднорочен период од три години и завршната сметка на буџетот на Република Северна Македонија се одложуваат за време на траењето на вонредната состојба.

Уредбата со законска сила за примена на законот за буџетите за време на вонредна состојба во член 3 наведува дека буџетските корисници може со прераспределба да ги намалат одобрените средства со буџетот до 70 отсто на ниво на ставка во рамките на потпрограма и буџет, а во член 4 дека Владата на Република Северна Македонија одлучува за прераспределбите меѓу буџетските корисници на централната власт и меѓу фондовите по предлог на Министерството за финансии.

Со усвоената уредба им се дава поголема флексибилност на буџетските корисници при управувањето и користењето со планираните средства, односно се овозможува поефикасно дејствување во справувањето со епидемијата.

На денешната седница на Владата усвоена е и уредба со законска сила за примена на Законот за даночната постапка за време на вонредна состојба, која се донесе како мерка за поддршка на компаниите што претрпеле штети во своето работење поради спроведувањето на мерките за спречување и ширење на коронавирусот Ковид-19, се предлага намалување на каматата на износот на помалку или повеќе платениот данок и споредните даночни давачки, така што се предлага да се пресметува и наплатува камата во висина од 0,015 отсто за секој ден задоцнување наместо 0,03 отсто како што уредува законот.

Исто така, се уредува дека Управата за јавни приходи нема да објавува листа на должници на достасани и неплатени долгови за април, мај и јуни 2020 година.

На оваа седница Владата ја усвои и уредбата со законска сила за примена на Законот за данокот на личниот доход за време на вонредна состојба.

Со уредбата со законска сила за примена на Законот за данокот на личниот доход за време на вонредна состојба се предлага како мерка за поддршка на обврзниците на данокот на личен доход, кои остваруваат доход од самостојна дејност и кои претрпеле штети во своето работење поради ширење на коронавирусот Ковид-19, да бидат ослободени од плаќање на износот на аконтациите на данокот на личен доход за март, април и мај 2020 година.

Се предлага право на намалување на износот на аконтациите на данокот на личен доход да имаат даночните обврзници што остваруваат доход од самостојна дејност и ги вршат дејностите наведени во согласност со Националната класификација на дејности-НКД Рев.2: угостителска дејност (шифра 56 – дејности за подготовка и служење храна), туризам (шифра 79 – туристички агенции организатори на патувања (тур-оператори) и други резервациски услуги, како и дејностите поврзани со нив, и шифра 55 – објекти за сместување) и транспорт (шифра 49 – копнен транспорт и цевоводен транспорт, шифра 50 – воден транспорт и шифра, 51 – воздухопловен транспорт) и кои го исполнуваат следниот услов:

– Даночниот обврзник работодавец да не го намали бројот на вработени, сметано од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила три месеци по престанувањето на нејзината важност, освен во случаите на смрт, пензионирање или отказ од страна на вработените.

Исто така, се предлага правото на намалување на износот на аконтациите на данокот на личен доход да се однесува и на други даночни обврзници што имаат претрпено штети во своето работење, кои покрај гореспоменатиот услов исполнуваат еден од следните услови:

– Вкупните приходи на даночниот обврзник се намалени најмалку 40 отсто во тековниот месец во однос на февруари 2020 година или намалувањето на вкупните приходи за 2020 година изнесува повеќе од 40 отсто во однос на истиот период претходната година, или

– Бројот на вработени што не работат, односно не придонесуваат во економската активност на даночниот обврзник работодавец, поради спроведување на мерките од став (1) на овој член, да изнесува најмалку 25 отсто во однос на вкупниот број вработени во однос на февруари 2020 година, или

– Даночниот обврзник затвори најмалку 50 отсто од продажните местата преку кои го остварува прометот (подружници, продажни објекти).

Владата денеска донесе и уредба со законска сила за примена на Законот за данокот на добивка за време на вонредна состојба, со која како мерка за поддршка на компаниите што претрпеле штети во своето работење поради ширење на коронавирусот Ковид-19, ќе бидат ослободени од плаќање на износот на аконтациите на данокот на добивка за март, април и мај 2020 година.

Право на намалување на износот на аконтациите на данокот на добивка ќе имаат даночните обврзници што ги вршат дејностите наведени во согласност со Националната класификација на дејности-НКД Рев.2: угостителска дејност (шифра 56 – дејности за подготовка и служење храна), туризам (шифра 79 – туристички агенции организатори на патувања (тур-оператори) и други резервациски услуги, како и дејностите поврзани со нив, и шифра 55 – објекти за сместување) и транспорт (шифра 49 – копнен транспорт и цевоводен транспорт, шифра 50 – воден транспорт и шифра, 51- воздухопловен транспорт) и кои ги исполнуваат следните услови:

– Да не исплатува дивиденда на сопствениците, награда за деловна успешност (учество во добивка, бонус) или друг вид годишна награда на вработените и органите на управување и надзор на даночниот обврзник од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила до денот на траењето на ослободувањето (15 јуни 2020 година) и

– Даночниот обврзник работодавец да не го намали бројот на вработени, сметано од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила три месеци по престанувањето на нејзината важност, освен во случаите на смрт, пензионирање или отказ од страна на вработените.

Исто така, правото на намалување на износот на аконтациите на данокот на добивка да се однесува и на други даночни обврзници што имаат претрпено штети во своето работење, кои покрај гореспоменатите услови исполнуваат еден од следните услови:

– Вкупните приходи на даночниот обврзник се намалени најмалку 40 отсто во тековниот месец во однос на февруари 2020 година или намалувањето на вкупните приходи за 2020 година изнесува повеќе од 40 отсто во однос на истиот период претходната година, или

– Бројот на вработени што не работат, односно не придонесуваат во економската активност на даночниот обврзник работодаве, поради спроведување на мерките од став (1) на овој член, да изнесува најмалку 25 отсто во однос на вкупниот број вработени во однос на февруари 2020 година, или ако

– Даночниот обврзник затвори најмалку 50 отсто од продажните местата преку кои го остварува прометот (подружници, продажни објекти).

На оваа 28. седница Владата ја донесе уредбата со законска сила за начинот на промена на договорни услови на кредитни изложености кај банките и штедилниците.

Со неа се утврдува како во текот на вонредната состојба да се остварат можностите дадени со регулаторните измени донесени од Народната банка, насочени кон олеснување на финансискиот товар на граѓаните и на фирмите кои поради корона-кризата се соочуваат или би можело да се соочат со реални тешкотии во исплатата на кредитите во банките и штедилниците. На уредбата работеа Народната банка, Министерството за финансии и Македонската банкарска асоцијација.

По предлог на Министерството за економија, денеска Владата ја донесе уредбата со законска сила за примена на Законот за трговските друштва за време на вонредна состојба:

Со член 1 од уредбата се регулира примената на Законот за трговските друштва за време на траењето на вонредната состојба, при што е уредено дека за свикување и одржување годишно собрание на акционери и собир на содружници од страна на органот на управување на акционерските друштва, односно органот на управување на друштвата со ограничена одговорност, ќе се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.

Во таа насока со член 2 од уредбата се овозможува пролонгирање на роковите за свикување и одржување годишно собрание на акционери, како и собир на содружници, од страна на трговските друштва за време на траењето на вонредната состојба. Пролонгирањето на роковите се однесува и на почнатите постапки за свикување и одржување годишно собрание на акционери, односно собирот на содружници.

Се предвидува дека ова законско решение ќе овозможи поволни услови за трговските друштва во однос на обврската за свикување и организирање годишни собранија на акционери, односно собири на содружници, во чии рамки се усвојуваат годишни сметки и финансиски извештаи, како и се одобрува работата на членовите на органот на управување во друштвото.

Владата на Република Северна Македонија донесе уредба со законска сила за примена на Законот за внатрешните работи за време на вонредна состојба, со која се утврдува дека приправничкиот стаж на полицаец приправник, кој има склучено договор за вработување во Министерството за внатрешни работи на 1 ноември 2019 година, во согласност со членовите 99 и 102 од Законот за внатрешните работит, трае пет месеци.

Оваа уредба е донесена поради прогласената вонредна состојба во државата, која наложува ангажирање на целокупниот капацитет на организациските единици во рамките на Министерството, вклучително и полицајците приправници, и од тие причини се предлага оваа уредба со законска сила, со која траењето на приправничкиот стаж на полицаец приправник (утврден во член 102 од законот) се скратува од шест на пет месеци.

На овој начин ќе се овозможи дополнителен број полициски службеници во согласност со потребите, динамиката, обврските и задачите што ги има полицијата за спроведување на одлуките, препораките, заклучоците и мерките што ги утврдува Владата на Република Северна Македонија.