Учениците веројатно ќе останат дома и по прекинот од 14 дена

Министерот за образование Арбр Адеми денеска соопшти дека најверојатно учебната година нема да продолжи по завршување на првите одредени 14 дена кога се прекина наставата.

Сѐ уште не е донесена конечна одлука, но, како што рече Адеми, со оглед на развојот на ситуацијата, најверојатно учениците ќе продолжат да седат дома.

На денешната прес-конференција Адеми изјави дека надлежните институции бараат алтернативни начини за едукација на учениците, а веднаш по прогласувањето на сегашната состојба најдени се некои начини овој период учениците да го користат за преку апликации да учат од дома. 

„На МТВ има веќе програма под наслов ‘ТВ Училници’. Учениците од училиштата организираат лекции и се вклучени во овој неформален образовен процес. За децата од предшколска возраст има едукативни емисии согласно нивната возраст. Ова ќе трае до стабилизирање на состојбата“, информираше Адеми.

Тој го посочи и примерот на Општина Карпош која започна со проект за дигитална платформа за комуникација помеѓу ученици и професори.

„Ги охрабрувам и другите училишта да го направат истото. Сепак ова е неформален начин на едукција. Очекувам и другите да се вклучат во овој начин на онлајн едукација. На некои универзитети веќе има онлајн настава со цел студентите да го совладаат материјалот. Треба да бидеме совесни и одговорни и да избереме најдобар начин за едукација за нашите деца и млади“, порача министерот Адеми.