Тунел со двонасочен коловоз во 6 ленти - се подготвува проектот за Јужен булевар

Градот Скопје ја избра фирмата „Чакар-Партнерс“ за изработка на основниот проект и основниот сообраќаен проект со вклучена ревизија за булеварот „Македонија“ (поранешен Јужен булевар). 

Договорот со времетраење од 15 месеци е склучен пред три дена од страна на градската администрација. Врз основа на изработката на проектот, турската компанија „Лимак“ ќе треба да ја почне изведбата на подземниот коридор кај трговскиот центар „Рамстор“.

Тунелот кој ќе се гради ќе биде двонасочен коловоз во 6 ленти со должина од 800 метри, ќе го  дислоцира булеварот Македонија под земја и во голема мера ќе придонесе за олеснување на сообраќајниот метеж во Скопје.  Станува збор за модерна подземна улица, налик на европските метрополи која од двете страни ќе биде поврзана со новите кружни текови кои се планираат во овој дел од градот.

Трасата ќе почнува со голем кружен тек пред поранешна НИП „Нова Македонија“, а уште два кружни тека ќе се градат на излезот кон Кисела Вода.