„Трудна приказна“ премиерно во Театар Комедија

Театар Комедија вечер премиерно ќе ја изведе претставата „Трудна приказна“ по текст на Благица Секулоска, а во режија на Лидија Дедовиќ од Црна Гора.

Во претставата играат Јелена Жугиќ, Елизабета Стефановска, Ева Скендеровска, Жаклина Петровска, Валентин Костадиновски-Тино, Атанас Атанасовски, Жарко Димоски, Иле Илиоски, Столе Мицов и Едмонд Сотир.

Костимографијата е на Марта Дојчиновска, музиката на Димитар Андоновски, а сценографијата на Милан Несторов, Сергеј Светозарев и Лидија Дедовиќ.

Според авторот на текстот и драматург на Театар Комедија, Благица Секулоска „Трудна приказна“ е препрочитување на традицијата и на македонската драматургија.

– Успеав да најдам женски карактери кои се во слична или идентична ситауција. Секоја од овие жени – Ленче, Неда и Цвета е во љубовен триаголник во оригиналните драми. И како потенцијален проблем во тие драми, од тоа што имаат проблеми со општественото уредување и традиција не можат да затруднат, рече Секуловска на прес-конференција.

Таа рече дека ја искористила постмодерната, ги преземала овие драмски ликови и ги ставила во поинаков контекст, во 2032 година. Нагласи дека на ликовите им дава можност да се ослободат од стегите на традицијата и да забременат.

– За мене клучната порака беше да се вратиме кон традицијата, да ги преиспитаме вредностите, да се вратиме кон природата и да го продолжуваме коренот и родот, рече Секулоска.

Режисерката Лидија Дедовиќ, која е уметнички директор на театарот во Цетиње, истакна дека прва и единствена тема која сакале да ја актуелизираат е традицијата и модерното време.

Според неа, исто така важно било и соочувањето со други важни теми како младиот човек, жената, проблемот на раѓање, технолошки манипулации, политичка бесмисла…

Оваа претстава е дел од проектот „Кршење на традицијата“ на Театар Комедија и Зетски дом со кој се преиспитуваат и редефинираат традиционалните вредности на двата народа. Како дел од овој проект е и претставата „Ноќ“ од Александар Радуновиќ Попај, во режија на Андреј Цветановски, а во продукција на Зетски дом – Цетиње, како и размена на гостувања на двете претстави.