Три изведби на „Операта на шумските животни“ викендов

Македонската опера и балет продолжува со востановената практика за едукација на нашата најмлада популација преку т.н. детски викенд. В сабота и в недела на малата сцена во МОБ ќе се изведе новата детска претстава „Операта на шумските животни“, в сабота со почеток во 12 часот, додека в недела ќе има две претстави, од 12 и од 13.30 часот.

Сценариото на оваа музичко-сценска претстава има за цел да ја запознае, едуцира најмладата публика примарно со поимите во однос на оперската уметност, а наедно и со композитори, оперски пејачи, солисти, режисер, хор и сценарист. Сценариото изобилува со многу комични моменти што се случуваат додека шумските животни се обидуваат да создадат оперска претстава.

Музичкиот дел е исполнет со популарни арии од оперите: „Кармен“, „Палјачи“, „Аида“, „Травијата“, „Рита“ и многу други арии и инструментални композиции што се со адаптиран текст во својство на сценариото. Сценариото и режијата се на Десанка Глигоријевиќ. Настапуваат: Лиска - Симона Петровски/Надежда Рубен, Меца - Марика Поповиќ/Катерина Бошковска, Зајко - Јане Дунимаглоски/Дејан Стоев/Борко Биџоски, Був - Невен Силјановски.