Три динари за сместување во хотел во Скопје

Хотелите во Скопје по 1918 год., според својот изглед и својата функција, биле далеку од вистински хотели, но според удобноста и хигиената, биле подобри од караван-сараите. Хотелите имале најмногу по 10 соби, со по неколку  скромно наместени чисти кревети,  а на долниот кат обично имало кафеани кои биле нарекувани “бирарии” или “локантри”. Гостите биле послужувани  со храна и пијалаци.

Најплодна година за развојот на хотелиерството во Скопје била  1925 година, кога во градот биле отворени два големи модерно уредени хотели, со по 30 соби.

Со големиот налет на трговци и туристи во градот, здружението на меанџиско-кафеанските работници,  во 1923 год. побарало да се воведе ред во работата со  што би се задоволиле основните хигиенски услови. Се барало хотелите да бидат класифицирани и да се воведат одредени прописи во работата.

Во 1923 год. бил изнесен правилник за работа и отседнување на странци во скопските хотели. За престој во хотелите биле одредени такси, според квалитетот на услугите. Поскапи  хотели за кои се плаќала такса од 3 динари биле хотелите “Српски крал”, “Москва”, “Цар Душан”, “Бел орел”, “Гранд хотел”,”Слобода”и “Балкан”.

Хотели во градот за кои се наплатувала такса од 2 динари биле хотелите: “Бечар”, “Крагујевац”, “Пансион Карасо”, “Лондон”, “Париз”, “Круна”,

“Русија”, “Брегалница”, “Јелен”, “Ориент”,”Цариград”, “Шар Планина”, “Сарајево”, а по 1 динар такса се наплатувало во хотелите “Београд”, “Централ”, “Кавадар”, “Солун”, “Америка”, “Љуботен”, “Бела кафана”, “Телеграф”, “Мисир”, “Херцеговина”, “Брзи воз”, “Загреб”, “Станица”,  “Битољ” и др. Во новиот дел на градот, во тогашната најрепрезентативна улица на градот, Крал Петар, која била поврзана со Железничката станица, биле сместени најугледните хотели во градот. На почетокот на улицата бил изграден хотелот “Бристол”, “Гранд хотел”, “Европа”, “Јелен”, “Крагујевац”, “Париз”, “Русија” и “Српска краљица”.

Хотел “Париз” се наоѓал на улицата Крал Петар,  бил примитивно уреден и нечист хотел, имал своја бавча каде што секоја вечер гостите биле забавувани со театарски претстави на театарската група”Весели вечери”.

Хотелот “Бристол” се наоѓал на улицата Крал Петар, во близина на Железничката станица и бил сопственост на Ристо Караџа кој го издавал под кирија.

 Семејството Караџа се доселило од Грција во Велес.  На возраст од 12 години, т.е. во 1899 година, како најстар син на семејството Караџа, Ташко  дошол да учи занает  во Скопје и се  вработил кај скопскиот трговец Петар Атанасов Чучукпетров каде што помагал во трговијата на големо. По некое време, Ташко во Скопје  го повлекол  и својот брат, а подоцна и сестрата. Браќата Караџа заедно со зетот Андровиќ во 1912 година ја основале  фирмата “Караџа, Андровиќ и Ко.”, која постоела сé до 1947 година, но со повлекувањето на капиталот на зетот Андровиќ, фирмата го сменила името во “Браќа Караџа”. Ташко починал во Солун во 1931 година, а неговото место во фирмата го зазел син му Јован. Браќата Атанас (Танас) и Ристо Караџа, кои биле ценети скопски трговци и угледни граѓани, го изградиле хотелот “Бристол” во 1924 год.

Хотелот”Сплендид” се наоѓал на улицата “Пашичева” и “Крал Петар” и  располагал со 25 соби со еден или два кревета, со централно греење кое во скопските хотели почнало да се воведува во 1932 год., бањи со топла и  студена вода во секоја соба, и други удобности кои во тој период биле реткост. Ресторанот Бристол кој се наоѓал во близината на хотелот Сплендид, ги опслужувал посетителите на двата хотела. Хотелот бил проширен и располагал со 60 соби, а сопственик бил Владан А. Богдановиќ кој воедно бил и претседател на здружението на хотелиерите и поборник за развој на хотелиерството во Македонија пред Втората светска војна. Во периодот 1923-25 год. бил изграден модерен хотел, “Москва”, кој бил опремен со модерен и елегантен мебел, добра домашна кујна, чисти и природни пијалаци и брза послуга. Овој хотел бил изграден на главната улица Крал Петар, а сопственици биле Доротеја Стојановиќ и Никола Ц. Сидиќ-Сидовски.

Хотелот “Српска кралица” бил сопственост на  Милоје Ч. Тодоровиќ-Миче. Според рекламите од 1928 год., овој хотел имал 30 кревети, нов уреден простор и добра  домашна, француска и германска кујна.

Во 1937 год. хотелот “Српски крал” бил реновиран и бил дограден уште еден кат. Овој хотел располагал со 42 соби со 60 кревети, два апартмана, бања на секој кат, централно греење, топла и студена вода, модерни англиски клозети, електрично осветлување, удобно наместен салон, чиста постелнина и првокласен мебел. Сопственик на хотелот бил познатиот скопски трговец Филота Дича, а сопственик на уредувањето и мебелот бил Васа Аврамовиќ.  Во 1924 година бил реновиран хотелот “Зрињски” кој имал и најголема сала за концерти и забави.  Во 1919 год. во овој хотел работел и театарот во Скопје.

Хотелот и пансионот “Брегалница” се наоѓал во улицата “Цетињска” и бил сопственост на Вука и Драго Пешиќ, а важел  за “скопска скадарлија” со неговата кафеана. Во овој хотел се собирале литерати и уметници.

Некои хотели, како “Бристол” и “Сплендид”, во собите вовеле и телефонски приклучоци, имале гаража со капацитет за неколку автомобили, но сепак не биле доволни за град кој постепено, но сигурно добивал модерен и современ изглед, па постоела тенденција за напредок на хотелиерството. Во 1928 год. во градот имало вкупно 31 хотел, а само дел од нив имале статус на хотели кои ја задоволувале потребата во услужна и хигиенска смисла.

Според статистичките податоци, во градот Скопје во 1935 год. престојувале 27.671 посетители со 49.667 преноќишта. Поради лошите хотели и лошата услуга , многу од посетителите не се задржувале подолго во градот.

Развојот на хотелиерството, сепак се сведувал само на добро уредените хотели, каде што се вложувало во модерен комфор и тие не заостанувале со ништо во поглед на другите градови, со што придонеле за развој и на туризмот во тогашна Јужна Србија.

Главни гости во скопските хотели биле трговските патници. Со општата  криза која владеела во светот,  и патниците во Скопје се намалувале  или пак се сместувале во преноќишта и гостилници.

Според наодите на хотелиерите, 2/3 од гостите биле исклучиво хотелски гости, додека другите гости отседнувале во конаци или свратилишта.

Со константното намалување на чиновничките плати се намалувала и работата на хотел-рестораните. Навиката за посета на подобар хотел- ресторан, морала да се жртвува. Отворањето  на офицерските домови и нивната пристапност за широките граѓански маси, претставувало удар за хотелите и рестораните. Сé повеќе се резервирале соби по разни државни и самоуправни установи како во Монополот, Железничката станица, Офицерскиот дом, Народната банката, каде што отседнувале чиновниците.

Издавањето соби во конаците и преноќевалиштата, како и издавањето  соби во приватни куќи, што земало замав, ја попречувало работата на хотелите.

И покрај законот кој бил донесен во 1930 год. за даночни и таксени повластици за хотелиерите , тие одвај егзистирале во секојдневната работа. Олеснителна околност за хотелиерите биле многуте свечености кои се организирале и  многуте гости кои доаѓале во градот поради разновидни  случувања, а хотелите не биле во можност  да ги прифатат.

Според уредбата донесена во 1935 год. сите угостителски објекти морале да имаат нови имиња, и само објекти кои имале 15 добро наместени соби, потребен број на вработени, салон, парно греење, топла и студена вода, можеле да се нарекуваат хотели , а останатите конаци, пансиони, ресторани, бифеа, народни кујни, крчми или меани.

Постоел и правилник за работа на угостителските објекти и хотели и сезонско издавање на соби под наем. Сите хотелиери биле должни во рок од 12 часа да ги пријават своите гости во полициска станица.

Хигиената во хотелите морала да биде на ниво и можело да се издава само соба, а не кревет. На гостите во хотелите морало да им се обезбеди мир, а ако во хотелот се организирала забава, тогаш сопственикот тоа го пријавувал во полициска станица, каде што се одредувало време за пуштање на музика. Во хотелите можеле да работат само стручно оспособени лица кои биле лекарски прегледувани. Сите келнери морале да се однесуваат учтиво со гостите, да бидат чисто и уредно облечени и да познаваат еден странски јазик.

Хотелите кои имале над 25 соби, за време на летната сезона морале да имаат и послуга за разнесување на багажот. Слугата бил облечен во службено одело со капа на која било напишано името на хотелот, а морал да го знае и распоредот  и времето на поаѓање на железничките линии и други информации. Во секој локал морало да има ценовник.

Освен за примање на гости, скопските хотели претставувале и собиралиште на скопските трговци, чиновници, интелектуалци, кои се разонодувале во летните бавчи на хотелите. Сите хотели имале ангажирано оркестри кои на улицата Крал Петар í давале весела атмосфера.   Ваквиот изглед на улицата го надополнувале и децата  кои ги пречекувале гостите на Железничката станица, им нуделе преноќиште и помош за носење на багажот.

Овие деца биле облечени во ориентална облека со црвени фесови или бели капи, боси, се туркале околу патниците и создавале врева.

Хотелиерството во градот сепак претставувало гранка во развој и покрај многубројноста на хотелите.