Три девојчиња и три жени лани биле жртви на трговија со луѓе во земјава

Во Македонија минатата година шест лица беа идентификувани како жртви на трговија со луѓе, додека во соседните држави се идентификувани 100 до 150 лица, покажуваат последните истражувања, според кои бројката на лица со кои се тргува е многу поголема од официјалната.

Најголемиот број од жртвите на трговијата со луѓе се жени и девојчиња. Сите жртви од минатата година се од женски пол, од кои три се малолетнички и три се возрасни лица. Петмина од жртвите се со македонско државјанство и само еден е со странско државјанство. Петмина од нив биле сексуално злоставувани и една била присилена на брак.

Здружението за акција против насилство и трговија со луѓе Отворена порта (Ла Страда) со цел да ја подигне свеста и да ги охрабри оние коишто се засегнати од овој проблем организира кампања со којашто ќе се обиде повторно да го актуелизира прашањето за трговија со луѓе.

Едномесечната кампањата "Што гледаш? Биди нивниот глас!" на Отворена порта е насочена кон севкупната јавност и има цел да ја подигне јавната свест и да ги поттикне граѓаните да побараат совет, информација и да пријават трговија со луѓе.

Кампањата почнува со караван низ средни училишта од неколку градови низ Македонија како Тетово, Гостивар, Охрид, Струга, Куманово, Штип, Гевгелија и финално во Скопје. Дополнително различни превентивни активности ќе се спроведуваат на фреквентни локации и ќе се дистрибуираат превентивни материјали.

Отворена Порта ќе повика личности од јавниот живот да се вклучат и да дадат своја поддршка на активностите. Организаторите апелираат сите кои се соочиле со трговијата со луѓе да се јават на телефонскиот број 0800 11 11 1.