Тренд кај Македонците – гуглање на симптоми за одредена болест

Во светот владее нов вид на хипохондрија – сајберхондрија! Се повеќе луѓе ги гуглаат своите симптоми и работата стана толку сериозна што белгиската влада одлучи конкретно да делува.

– Смртно сум болен и ќе умрам во идните шест недели. Тоа е реченица со која почнува видео прилог кој е направен за потребите на белгиската влада, а која покрена кампања за да ги предупреди луѓето дека Гугл не е доктор.

Милиони луѓе во светот секојдневно гуглаат најразлични симптоми, си поставуваат дијагнози и потоа непотребно се загрижени. Токму поради тоа белгиската влада се одлучи конкретно да делува и ја предупреди јавноста на штетноста на таквото однесување. Во Белгија голем проблем е сајберхондријата, луѓе што замислуваат дека се болни, кои доаѓаат на лекар со информации за болести кои самите ги дијагностицирале со помош на интернет. Белгија, секако не е единствена земја со тој проблем, но е единствена која се одлучи да се фати во костец со тоа.

Белгијците така основаа интернетска страница gezondheidenetenschap.be на која граѓаните можат да најдат информации за здравјето. За разлика од другите интернетски страници на кои тие целосно некритички се објавуваат, посетителите можат да најдат рационални објаснувања, кои сигурно делуваат помалку фаталистички од останатите псевдонаучни тези.

Со желба навистина да го решат проблемот, тимот кој работеше на кампањата се упати на самиот извор на проблемот – Гугл.

– Се што требаше да направиме е да ги предупредиме луѓето на таквото однесување и тоа во вистинско време и на право место. Местото е Гугл, а вистинско време е секое во кое човек почнува да ги пребарува своите симптоми. Поради тоа ја користевме алатката Google AdWords со чија помош првиот линк при пребарувањето на симптомите станува тој во кој пишува – Не гуглајте! Користете веродостоен извор – објаснија во видео прилогот.

Оваа порака нема да им користи само на Белгијанците, туку и на милиони други луѓе во светот. Истражувањата покажуваат дека тој проблем не е ни малку наивен. Имено, се повеќе луѓе го користат Гугл како доктор, а загриженоста која притоа се јавува е често стресна и поштетна од евентулната вистинска болест.