Трајановски прифаќа да вози велосипед од дома до работа

Група велосипедисти, таканаречени вело-активисти, веќе неколку дена ја реализираат иницијатива „Ајде да те видам“ во која со куси видеоматеријали документирано прикажуваат колку е лошо во Скопје да се вози велосипед, па дури и по велосипедските патеки. Во второто видео на оваа иницијатива тие го повикаа градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, да ја користи вело- патеката од Автокоманда каде што тој живее и да вози велосипед до Градското собрание каде што секој ден доаѓа на работа.

Претходно, сличен предизвик му упатија на градоначалникот на општина Карпош, Стевче Јакимовски, а завчера и на градоначалникот на општината Центар, Андреј Жерновски. И за него постираа видеоматеријал за тоа колку е тешко да се вози велосипед низ Центар и од Жерновски побараа да се качи на велосипед и да биде пример и за другите во општината. Не заборавија и него да го прашаат зошто не оди на работа со велосипед, кога за десет минути може да стигне? Во видеото вело-активистите возат од домот на Жерновски во Мал ринг, па до бараките на општината во Дебар Маало. Пресметале дека оваа рута има 2,2 километри и истовремено велат дека целата патека е велосипедска или пешачка. Треба да се поминат само два семафори. Потсетуваат и на доделените субвенции на Центар за околу 3.000 точаци, а сепак, велат, Жерновски не вози велосипед. 

Целта на овие акции на вело-активистите е да им покажат на градоначалниците како тоа се прави и колку е лесно. Тие ги предизвикуваат градоначалниците, како креатори на јавната свест, да се движат почесто со велосипеди, да бидат пример за своите граѓани, а не тоа да го прават единствено кога промовираат патеки или одбележуваат некој меѓународен европски ден. 

„Утрински весник“ го праша Трајановски дали ќе одговори на повикот на вело-активистите и дали ќе вози велосипед од дома до работа.

„Не знам зошто ме прозиваат вело-активистите, кога моја заложба е да изградиме и обновиме што повеќе стари и нови велосипедски патеки повеќе од 60 километри со проектот ’Скопје велоград 2017’. Веќе имаме изградено повеќе од 20 километри на кејот, дел од левата, дел од десната страна, со исклучок на мали проблеми на кои наидуваат велосипедистите. Јас навистина би сакал секој ден да возам велосипед, но работните обврски не ми го дозволуваат тоа. Спортски тип сум и секое слободно време го користам за вежбање и сакам што повеќе од моите сограѓани да ги видам на велосипед. Патеките што ги реконструиравме не беа обновени повеќе од 40 години. Правиме максимум што можеме за да реконструираме што повеќе патеки. Ако вело-активистите сакаат, можеме и да се договориме да извозиме некогаш заедно“, рече Трајановски.