Тиват, Котор и Херцег Нови бараат помош од регионот и од Македонија за гаснење на пожарите

Претседателите на Општините Тиват, Котор и Херцег Нови апелираа Владата на Црна Гора да побара помош од соседните земји во гаснење на пожарите, меѓу кои е потребна и помош од Македонија.

Пожарот во Луштица, Котор, во текот на ноќта се прошири на полуостровот. Рано утринава биле евакуирани 100 туристи од ‘ртот Весло, соопшти Министерството за внатрешни работи на Црна Гора, додека локалните медиуми наведуваат дека од Беговиќ во Херцег Нови се евакуирани 15 повозрасни мештани.

Пожарот се ближи до куќите, а пламените јазици достигнуваат висина до 30 метри.

„Огнот нè опколи и се приближуваше од сите страни. Беше страшно. Минавме низ пекол“, рекла една од евакуираните туристки за Телевизија Црна Гора.

Претседателите на Општините Херцег Нови, Котор и Тиват рекле дека состојбата со пожарите станува алармантна и апелирале до Владата да побара помош од соседните земји.

Канадерите на црногорското МВР не учествуваат во гаснење на пожарот поради силниот ветер. На терен се пожарникари од цела Црна Гора, војската и доброволци.