„Тигрите“ го извадија Христијан од бездната, лекарите се борат за неговиот живот

Скопјанецот Христијан А. (17) се бори за живот во Ургентниот центар, а уште двајца планинари биле полесно повредени откако тројцата се лизнале од карпа и паднале, вчера ноќта и завчера, во две одвоени планинарски несреќи, во близина на Титов Врв на Шар Планина.

Навремената реакција на колегите-планинари и брзата акција на алпинистичкиот тим на МВР ги спасиле од сигурна смрт повредените, кои со хеликоптер биле пренесени во Скопје. Според полицијата, и двете несреќи се случиле речиси на исто место на планината, односно во близина на Титов Врв, кај месноста Седло или Чистинка.

Припадник на Единицата за специјални задачи при МВР, кој учествувал во двете спасувачки акции, за „Дневник“ раскажа како се одвивало спасувањето.

- Во двете акции учествуваше тим од шест алпинисти. Тројца останаа во база, а тројца бевме во хеликоптерот бидејќи кога има силен ветер, хеликоптерот се управува полесно ако има помала тежина. Но ако имаше потреба, секако дека хеликоптерот ќе се вратеше по другите тројца алпинисти - раскажува припадникот на алпинистичкиот тим.

Првата несреќа се случила во 13.25 часот додека скопјанката Душица Д. П. (34), која во група се движела кон Титов Врв, се лизнала на карпите и паднала во амбис. За среќа, Душица поминала со полесни повреди, односно со исчанчување на десното рамо. Вработен во МВР, кој бил во групата планинари, веднаш ја известил полицијата. По само дваесетина минути пристигнал полицискиот хеликоптер и слетал на месноста Чистинка. Жената се наоѓала на 300 до 500 метри од местото каде што слетале.

- Жената не беше тешко повредена и немаше потреба од носилка. Со наша помош се искачи до хеликоптерот. Целата акција траеше околу два часа - вели алпинистот.

Тој додава дека двете акции се одвивале во лоши временски услови и силен ветер. Станува збор за терен на надморска височина од околу 2.700 метри, каде што температурите се под нулата и дува силен ветер. Местото каде што паднале планинарите е во близина на врвовите Титов Врв и Бакардан, а меѓу нив има место, кое се нарекува Чистинка или Седло.

Втората несреќа се случила вчера ноќта, поточно во 1.35 часот кога двајца млади планинари, од кои едниот е на возраст од 17 години, се лизнале од карпите и паднале, но од спротивната страна на карпите каде што претходниот ден паднала Душица. Поради екстремно лошите временски услови и силниот ветер момчињата биле извлечени вчера утрото.

Според МВР, вчера во 1.35 часот во ПС Попова Шапка, планинар пријавил дека во 1.15 часот со уште тројца планинари се движеле кон Титов Врв, но кај месноста Бакардан 17-годишен планинар се лизнал од замрзната карпа и паднал. По пријавата полицајците се обидувале телефонски да исконтактираат со групата, но поради слабата покриеност со телефонски сигнал, не успеале.

Околу 3.15 часот кон местото каде што бил пријавено дека се случила несреќата се упатиле двајца планинари опремени со соодветна опрема за помош во посебни услови, кои го лоцирале местото, но поради непристапниот терен и лошите временски услови, не можеле да им помогнат. Повторно бил повикан алпинистичкиот тим на МВР, кој во 8.30 часот слетал на местото Чистинка.

- Вчера околу 8.30 часот со хеликоптерот слетавме на месноста Чистинка за да го извлечеме Христијан, кој неколку часа претходно паднал во амбисот. Во мислите ни беше само да е жив. Времето беше многу лошо, со многу силен ветер и температура од 15 степени под нулата. Го лоциравме младиот планинар, се обидовме да го извадиме со помош на „макара“, но поради силниот ветер тоа беше невозможно - раскажува специјалецот.

Потоа алпинистите со неколку планинари, кои им помогнале, се симнале до местото каде што бил Христијан, на околу 700 метри длабочина.

Христијан не беше контактибилен и беше премрзнат. Го ставивме на носилка и заедно со планинарите го извлековме до хеликоптерот. Веднаш му дадовме прва помош, по што го качивме во хеликоптерот и го транспортиравме до Скопје, од каде што со возило на брза помош беше однесен во Ургентниот центар. Се надеваме дека Христијан ќе се спаси - вели специјалецот